КУМАНОВО СО НОВ СИСТЕМ ЗА ПРОМЕНА НА ДОКУМЕНТИТЕ - за Скопје се бараат решенија за намалување на гужвите
Процесот „прв дојден, прв услужен“ беше хаотичен, особено кога имате 2,1 милиони лични документи кои што треба да се издадат. Она што сега се обидуваме да го направиме како решение е на еден достоинствен начин, во рамки на систем, да го регулираме процесот и да сториме се што е можно за обезбедување на документите. Ова го кажа техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски при посета на службите за управни работи во Куманово, каде во функција е ставен нов систем.
Тој, на прашање на новинарите се осврна на ситуацијата со фотографирањето и подигањето на личните документи на граѓаните, особено за состојбата во ПС „Пролет“ во Скопје, за каде Тошковски потенцираше дека има многу поголеми гужви, отколку во Куманово, и токму затоа појасни дека Куманово е одбран за имплементација на системот кој го обезбедило Министерството за администрација. :
- Се сеќавате 5000 луѓе пред врата, а внатре фотографираат на дневна основа по 300 лица. Овде во Куманово го нема тоа, но сепак има наплив од граѓани кои имаат потреба да ги променат документите - посочи Тошковски.
Тој информира дека МВР размислува да воведува систем за проверка на готовите лични карти во Скопје, како и испраќање на СМС пораки, како што е случајот со патните исправи. За времето потребно за имплементација, министерот истакна дека се уште не може да каже точно кога ќе профункционира и најави дека ќе се произнесе дополнително.
Во Куманово беше и дополнителниот заменик министер на Министерството за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски.
- Од денес, на брз, достоинствен и лесен начин граѓаните ќе можат да се фотографираат за лични документи, како и да ги подигнат истите без да чекаат во ред - изјави Андоновски.
МИОА обезбеди систем за управување со клиенти, кој го минимизира метежот.
- Дигитализацијата на процесите го олеснува животот на граѓаните. Затоа е многу важно истата да се случува во сите институции и сите услуги. Дигиталната трансформација ќе значи брзи, точни, навремени и евтини услуги, намалено време на чекање и задоволни граѓани - посочи Андоновски.
И во понатамошниот период продолжуваме со институционалната соработка во служба на граѓаните.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
