КУМАНОВО СЕ СЕЌАВА НА 9 и 10 МАЈ: Панихида за хероите кои загинаа во Диво Насеље
Панихида денеска е организирана во Куманово за загинатите полицајци во Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 година, кога вооружена група од Косово упадна во населбата и престрелките траеја два дена.
Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, се одржа панихидата која ја организираше Здружението на бранители „Куманово 2001“.
„Македонските безбедносни сили се судрија со добро организирана терористичка група, во таа борба загинаа осум припадници на безбедносните сили, го дадоа својот живот за Македонија. Во нивна чест свештениците ќе одржат панихида, да се помолиме за нивните души, да упатиме порака дека секогаш ќе има луѓе кои ќе застанат на браникот на татковината“, изјави Предрад Петрушевски Бинго, од здружението „Бранители 2001“.
Во немирите загинаа Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ кои посмртно се одликувани со „Медал за храброст“, а 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.
