Куманово ги слави хероите кои се дигнаа на востание
Бројни делегации од здужението на борците во Куманово, на Владата на Македонија, Собранието, Претседателот, од локалната власт, Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, СВР Куманово, претставници од француската и руската амбасада, јавни установи, институции, политички партии, граѓански здруженија денеска положија свежо цвеќе на Спомен костурницата во Куманово, по повод 11 Октомври и на тој начин го одбележаа Денот на востанието на Македонија и Денот на борецот.
Општина Куманово со пригодна свеченост, со бројни спортски и културни манифестации го одбележува денешниот празник, меѓу нив и со традиционалното полагање на цвеќе на Спомен костурницата. Пред присутните со пригоден говор, се обрати градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој истакна дека Куманово заедно со Прилеп пред 76 години на 11 Октовмри се крена во борба против окупаторите.
Осврнувајќи се на историските моменти, Дамјановски посочи дека мотивот кај народот бил извојување на национална и социјална слобода на македонскиот народ и создавање држава. Востанието, додаде, е круна на долгата востаничка низа на македонскиот народ за свое ослободување.
- За слободата што денеска ја имаме паднаа многу жртви. Нивните имиња се врежани во меремерните плочи на оваа величенствена Спомен костурница. Тие се тука како вечен спомен на кумановскиот и македонскиот непокор за едно славно и тешко време - рече Дамајновски.
Нашата заложба, истакна, е да се сочува плодот на нивната борба, мирот, стабичноста, рамноправноста, стремежот за подобро утре.
Во Куманово по повод празникот се одржува турнир во тенис, пинг понг и одбојка, а претходно се одржа атлетски митинг.
