Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кумановката Кубица Спасиќ велиденските јајца ги претвора во ремек дела

Кумановката Кубица Спасиќ велиденските јајца ги претвора во ремек дела

Кубица Спасиќ, пензионерка од Куманово веќе 15 години велигденските јајца ги претвора во ремек дела.

Таа во текот на целата година работи, со цел за празникот да има убаво украсени велигденски јајца. Откако се пензионирала вели дека има повеќе време за да се посвети на своето хоби и креативната работа. Користи јајца од гуска, затоа што се крупни, и откако ќе ја испразни содржината од внатре, откако ќе ги исуши, ги обработува со машинка, црта мотиви на нив, работи во техника декупаж и ги лакира. По ова јајцата го добиваат финалниот изглед. Оваа работа бара талент, прецизност, трпение.

„Најчесто цртам цветни мотиви, а често добивам идеи и од она што ќе го видам на интернет. Лушпата на јајцето од гуска е дебела, и мека, и е добра за да се црта на неа, додека со јајцето од  кокошка е потешко, лушпата пука. Имам слободно време и си го исполнувам со креативна работа“, раскажува Спасиќ.

Вели дека за сите овие години изработила над 1.000 вакви украсени јајца, а годишно прави стотина. Сите кои ги виделе се воодушевени. Дел од јајцата ги продава, а дел ги подарува.

„Имам редовни муштерии, жени кои секоја година купуваат по 10 или 15 јајца за да си го украсат домот, или да подарат на роднини, пријатели, на луѓето кои им се драги. Украсени со бисери и панделки навистина изгледаат многу убаво“, објаснува Спасиќ.

Лушпите од јајцата се сушат со месеци, а на едно јајце Спасиќ работи неколку денови. Она што таа го работи е уникатно. Оваа креативна жена својот работен век го поминала како негувателка во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. За тоа дали помладите се заинтересирани да го работат она што таа го работи, вели дека нејзината внука пројавува одреден интерес, но сѐ уште е мала за да може да работи со машинка и да ги украсува јајцата.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести