Кукан, Флекенштајн и Вајгл очекуваат избор на нов премиер за две недели
Членовите на Европскиот парламент, Едвард Кукан од Европската народна партија, Кнут Флекенштајн од Социјалистичката партија и Иво Вајгл од Либералната партија, го повикаа претседателoт Ѓорге Иванов да стави крај на политичката криза и тие очекуваат за две недели земјата да има нов премиер.
Тие го поздравуваат фактот дека парламентарната демократија, изразена преку мнозинството во Собранието, доведе до избор на нов спикер.
„Знаеме дека новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека Парламентот би сакал тој да ја преиспита неговата позиција, односно да препознае дека на лидерот на мнозинството треба да му биде дозволено да формира влада без понатамошно одлагање. Очекуваме дека ова ќе доведе до избор на нов премиер во следните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на Парламентот и да престане да го опструира демократскиот пат и желбите на граѓаните кои сакаат да видат крај на кризата. Понатамошно одлагање на формирањето на нова влада ќе има неизбежни последици“ - порачуваат европарламетарците.
Европарламентарците, потсетуваат дека силно ги осудија нападите на пратениците во Собранието, нагласувајќи дека истрагата треба да ги идентификува извршителите, кои треба да одговараат за инцидентите, а треба да биде одредена и политичка одговорност.
Тие објаснуваат дека неформирањето на влада во следните две недели ќе биде сметано за неуспех на политичките лидери, со што ќе предложат во Европскиот парламент, гласањето за извештајот за Македонија за 2016 година да биде одложено.
