Куче преживеало ужас – пожарникарите реагирале херојски
Пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Крива Паланка вчера успешно спасиле куче што било фрлено во коритото на Крива Река. Според нивните информации, животното претходно било малтретирано.
„По добиена дојава за кучето во бездна, тим од двајца пожарникари излезе на лице место и го извлече животното. Кучето веднаш беше предадено на надлежните институции. За жал, ова е уште еден случај на изживување и малтретирање на животни“, велат од ТППЕ Крива Паланка.
На социјалните мрежи претходно се појави снимка на која се гледа како кучето било врзано за автомобил со регистарски таблички од Крива Паланка. Благодарение на брзата интервенција на полицијата и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), животното е одземено, згрижено и моментално е во стабилна состојба.
„Доколку некој сака да го вдоми, процедурата може да започне следната недела, откако кучето ќе закрепне од траумата“, се наведува во објавата на Фејсбук.
Според објавата, лицето кое го извршило делото е идентификувано и против него ќе бидат преземени соодветни постапки од страна на АХВ и МВР.
