Економија, финансии, бизнис

Контакт

КРВАРЕЊЕ МЕЃУ ЦИКЛУСИ, БОЛКА ВО МАЛА КАРЛИЦА – ИНИЦИЈАЛНИ ЗНАЦИ ЗА РАК НА МАТКАТА: Д-р Алулоски апелира на редовен скрининг и вакцинација

КРВАРЕЊЕ МЕЃУ ЦИКЛУСИ, БОЛКА ВО МАЛА КАРЛИЦА – ИНИЦИЈАЛНИ ЗНАЦИ ЗА РАК НА МАТКАТА: Д-р Алулоски апелира на редовен скрининг и вакцинација

Македонија, за жал, сè уште се бори за намалување на бројот на случаите со цервикален карцином, односно рак на грлото на матката, бидејќи според последните податоци инциденцата во нашата држава е 20-21 случај на 100.000. Во неделата за превенција од ракот на грлото на матката, Фактор разговара со д-р Игор Алулоски, гинеколошки онколошки хирург во Клиниката за гинекологија и акушерство.

Посочува дека бројките се поразителни и на глобално ниво, но за разлика од развиентите земји, највисока инциденца има во неразвиентите земји и земјите во развој. Според статистичките податоци годишно од ова заболување се регистрираат над 600.000 нови случаи, од кои околу 300.000 ја губат битката со заболувањето.

-Тенденцијата на Светската здравствена организација (СЗО) е ерадикација, односно драстично намалување на бројот на цервикалните карциноми, конкретно сведување на бројот на само 3-4 случаи на 100.000. Сликата кај нас е многу поинаква. Ние имаме инциденца од 20-21 случај на 100.000. Тоа е висока инциденца. Ова беше аларм за некаде пред пандемијата на корона вирусот СЗО да апелира на спроведување агендата: 90-70-90. Овие бројќи значат следново, 90 опфатеност со вакцинација против ХПВ вирусот, 70 проценти покриеност со скрининг за цервикален карцином со ПАП тест или ХПВ базиран и 90 отсто од патциентките кај кои се детектирани промени, преземање на постапки за лекување на преканцерозни лезии на грлото на матката како и на потврден инвазивен карцином. Секако лекувањето е многу поуспешно кога болеста е во рана фаза, посочува д-р Алулоски.

Во однос на симптомите на заболувањето, вели дека всушност и не постојат, заради што од исклучително значење се редовните гинеколошки прегледи и скринингот, но сепак постојат иницијални знаци кои би требало жените да ги упатат да направат одредени контроли.

-Она што би требало да значи одреден првичен знак за евентуална појава на цервикален карцином кај одредена пациентка е крварење по сексуален однос или крварење во период меѓу два циклуси, исцедок со непријатен мирис, како и неспецифична болка во мала карлица. Доколку ракот се открие во најраната фаза, постојат огромни шанси за излекување на болеста. Но, не би требало да се чека на вакви знаци, она што е потребно, како што реков, е превенцијата, а тоа е скринигот и редовниот гинеколошки преглед, нагласува гинеколошкиот онколошки хирург.

Вели дека државата не е нема кога станува збор за овој проблем, но треба да се работи многу на подигнување на свесноста кај женската популација.

-За жал и покрај тоа што нашата држава е меѓу првите на балканскиот простор кои што ја воведе вакцината против ХПВ вирусот во календарот за редовни вакцинации, опфатноста не можеме да ја подигнеме над 50 проценти. Од сите вакцини кои што се влезени во редовниот календар, за жал ХПВ вакцината е со најмала опфатност и таа никако да ја помине оваа границата од 50 проценти. Она кон што сега се стремиме е и донесувањето на деветовалентната вакцина против ХПВ. Тоа е една од главните превентивни мерки, а за пациентките е достапна и веб платформата, skrining.mk, на која самите може да се пријавуваат, односно да си обезбедат термин за скрининг. Покриеноста со скрининг и постепеното префрлање од ПАП базиран кон ХПВ базиран скрининг е неопходно потребен процес, во кој мора да учествуваат сите чинители, здравствените работници, здравствените власти, специјалистичките здруженија, здруженија на пациенти, медиумите, порачува д-р Алуловски.
Она што посебно го истакнува е дека на овој начин и посебно со високиот опфат на вакцинација, Австралија го достигна посакуваниот број од само 3-4 случаи на карцином на грлото на матката.

-Во текот на оваа недела интензивно работиме на подигнувањето на свесноста за овој горлив проблем. Потсетуваме на важноста од потребата за редовно одење на преглед кај својот матичен гинеколог, на редовното одѕивање на повикот за скрининг а сега и можноста за самопријавување, доколку во последните 3 години не е направен ПАП тест или ХПВ типизација, и секако она што е најважно е да ја подигнеме свесноста за значењето на ХПВ вакцинацијата како најсилна превенција која овозможува заштита од развој на ракот на грлото на матката.

Анита Буховски

ФОТО: ФБ

Слично

Поврзани вести