Крстарење меѓу 1.900 острови, средби со егзотични и диви животни, пливање во оаза: Воислав Синадиновски за патот околу Азија за 50 дена
Зад неговиот триумф во категоријата classic physique на престижната сцена на Fit Parade NPC Eagle Classic NATURAL во Будимпешта, со две први и едно второ место, не стојат само 16 недели брутални и системски подготовки, туку повеќе од 12 години тренинг, акумулација на мускулна маса, знаење и жртви. Но, додека повеќето спортисти по ваков исцрпувачки триумф би избрале пасивен одмор во некој луксузен ресорт, Воислав Синадиновски (27) уште пред почетокот на подготовките имал поинаков план. Патувањето во Азија за него било главната ментална сидро-мотивација која го водела низ подготвителниот период.

Престојот од 50 дена го опишува како потрага по автентичното. За Женски магазин вели дека ова не било само географско, туку и длабоко внатрешно патување од кое се вратил со клучна лекција: „Материјалното изобилие не секогаш се преведува во среќа.
Синадиновски е дипломиран биолог и нутриционист на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Скопје.
Работи и како онлајн и персонален фитнес тренер и консултант, како за рекреативци, така и за професионални спортисти и природни бодибилдинг натпреварувачи и натпреварувачки. Исто така креира и содржина за социјалните мрежи преку која ги едуцира пошироките маси за здравиот начин на живот, тренинг, исхрана и нутриција и суплементација.

ЖМ: Секоја подолга авантура започнува со одлука што има своја тежина и со желба да му се даде простор на непознатото. Која беше причината поради која реши да патуваш 50 дена и зошто токму Азија?
- Сакам патување и авантура. Пред патувањето се подготвував за мојот прв природен бодибилдинг натпревар, што беше како физички уште повеќе и психички предизвик.
Патувањето во Азија го планирав пред да започнам со подготовките. Ми беше еден вид мотивација која ќе ме води да го извлечам максимумот од подготовките за мојот натпревар кој требаше да се одржи на 16 октомври.
Размислував кои дестинации може во тој период да понудат топло време, а воедно да бидат и предизвикувачки и да не бидат некаков тип на ресорт, затоа што тоа не е мој тип на одмор и авантура. Така се одлучив за Азија, како перфектна дестинација за авантура, истражување на една потполна нова култура и уживање.

ЖМ: Зад секоја ваква авантура стои организација што бара време, посветеност и јасна визија. Колку време траеше планирањето?
- Одлуката ја донесов пет месеци пред патувањето. А главниот дел од планирањето, односно кои земји, градови, локалитети и атракции во тие земји ќе ги посетам, резервација на авионски карти, сместување, визи и другите детали траеа околу еден месец. Додека го планирав сето тоа воедно течеа и последните и најтешките недели пред натпреварот. Не ми беше баш лесно.
ЖМ: Секое патување започнува со првиот допир со непознатото. Која беше првата земја на која слета и колку време се задржа таму?
- Првата земја беше Оман и таму се задржав пет ноќи.
ЖМ: Како што патувањето се развива, секоја следна дестинација ја надополнува приказната и го проширува доживувањето. Колку земји вкупно посети во текот на тие 50 дена?
- По Оман заминав во Шри Ланка, остров во Индискиот океан, култура и народ сличен на Индија, со тоа што хаосот за нијанса е на пониско ниво.
Во Шри Ланка бев 13 ноќи и поминав голем дел од островот, посетувајќи ги главните места и атракции. По Шри Ланка следеа 13 ноќи во Тајланд. Прво бев во Пукет, потоа во Чанг Меин и на крај во Банког.
Оттаму заминав за Сием Рип, културниот центар на Камбоџа, место во близина на Ангор Ват, најголемиот религиски објект во светот. Будистички храм кој датира од 12.век.
Од Сием Рип со автобус заминав за Пном Пен, главниот град на Камбоџа. Останав два дена и со автобус се упатив кон последната држава која ја посетив за време на оваа авантура, а тоа е Виетнам. Останав 14 ноќи и посетив 6 градови во јужниот и северниот дел. Виетнам е исто така огромен и патувањето низ него беше најчесто со авион.
Целото интервју прочитајте го на Женски магазин....