Крмов со објаснување: Му го навредија семејството на Апасиев, ова е втор инцидент со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на Левица Борислав Крмов, во синоќешната дебата на Телевизија 24 објасни како во четвртокот дошло до кошкањето во Собрание со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Крмов потенцираше дека немло никаква намера пратеничката група на Левица да влезе во судир со никого:
„Колегата Јованчев од Кавадарци се упати кон Апасиев и почна да изустува погрдни зборови вмешувајќи го и неговото семејство. На тоа нашиот претседател изреагира бурно, за понатаму повеќе пратеници од ДПМНЕ да дојдат накај нас. Потоа Александар Велјановски дојде и ме турна иако бев свртен со грб, со намера да се пресмета физички со Апасиев“, рече Крмов.
Тој додаде дека инцидентот бил поврзан со претходно незадоволство во пратеничката група на владеачката ВМРО-ДПМНЕ откако била блокирана можноста да се изгласа воведување на трет директор во Царинската управа.
„Мојата теза е дека дека ова не е случајно, ова е поврзано, ние на 27-ми септември кога се носеше Законот за царинска управа имавме сличен инцидент. Тогаш пратеничка група на ДПМНЕ на чело со Дафина Стојаноска ни упатуваа пцости и навреди од говорница, а Бојан Стојановски дофрлуваше навреди од место“ – потсети Крмов за комисиската седница на која што Левица со намера да блокира воведување на трет директор во Царина, држеше долги говори.
Според пратеникот, ова е еден начин на замолчување на опозицијата. На ТВ-дебатата учествуваа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски и од редовите на СДСМ, Митко Трајчулевски
