Крлежите најчесто се кријат на вратот, пазувите и зад колената – места што ретко ги проверуваме: Доц. Д-р Патриција Каламарас советува како да се заштитиме
Со доаѓањето на потоплите денови, сè повеќе луѓе слободното време го користат за прошетки во природа, излети во шума или релаксација на ливада. Но, додека уживаме во сонцето и зеленилото, важно е да не заборавиме дека природата крие и одредени ризици, меѓу кои се и крлежите – мали,артроподи (членконоги).
Во разговор со доц. д-р Патриција Каламарас, специјалист по инфектологија во Аџибадем Систина, дознаваме дека крлежите се мали артроподи - паразитски членконоги кои се хранат со крв од животни и луѓе и најчесто се среќаваат во висока трева, шуми и грмушки, каде што чекаат да се прикачат на својот домаќин.
Иако нивната големина е речиси незабележлива, нивното значење за јавното здравје е сериозно. Опасноста не доаѓа од самото каснување, туку од можноста за пренос на зарази, како што е Лајмска болест, но и други заболувања, вклучително и вирусен енцефалитис и различни бактериски зарази.
Сепак, како што објаснува докторката, нема простор за паника, туку за информираност и претпазливост. Со правилен пристап – соодветна облека, користење заштитни средства и редовна проверка на телото по престој во природа – ризикот може значително да се намали.
Во продолжение, доц. д-р Каламарас детално објаснува како да се заштитиме, како правилно да реагираме при каснување и кога е потребно да побараме лекарска помош.
Крлежите имаат изразена сезонска активност, која е поврзана со температурата и влажноста на средината. Нивната активност е зголемена во пролетните и летните месеци, кога влажноста им дава доволно сила за да можат да преживеат.
„Во овој период луѓето најчесто престојуваат во природа, што дополнително ја зголемува веројатноста за контакт. Иако врвот на активноста е во пролет и почетокот на летото, крлежите можат да бидат присутни и активни и во есен, особено во септември и октомври, ако временските услови се благи и влажни. Во потоплите зими, во одредени подрачја, нивната активност може да продолжи и надвор од вообичаената сезона. Оваа сезонска динамика е важна и од здравствен аспект, бидејќи токму во периодите на зголемена активност се зголемува и ризикот од каснување и пренос на зарази, меѓу кои и Лајмската болест. Затоа, превентивните мерки — соодветна облека, заштитни средства и внимателен преглед по престој во природа — треба да бидат најинтензивни токму во овие месеци“.
Овие членконоги паразити најчесто бираат делови од телото каде кожата е потенка, потопла и помалку изложена, што пак им овозможува полесно да се прикачат за човечкото тело и да се хранат.
„Најчесто се наоѓаат во пределот на скалпот и задушите, каде што косата им дава заштита и лесно остануваат незабележани. Подеднакво чести се и местата како вратот, пазувите и препоните, каде што кожата е мека и влажна. Кај децата, крлежите често се наоѓаат и на главата и вратот поради нивната пониска висина и близок контакт со тревни површини, додека кај возрасните почесто се забележуваат на нозете, особено зад колената и околу глуждовите. Овие „скриени“ делови од телото се особено ризични затоа што крлежот може да остане незабележан подолго време. Токму затоа, по секој престој во природа се препорачува темелен преглед на целото тело, особено на топлите и тешко достапни места“.
Опасноста од крлежите е голема доколку навремено не се забележат симптомите, кои може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Но важно е да се напомни дека не секој крлеж е заразен и не секое каснување води кон болест.
„Крлежите, иако мали по големина, претставуваат важни преносители на различни инфективни болести кои можат да имаат сериозни здравствени последици. Најпозната меѓу нив е Лајмската болест — бактериска инфекција која може да започне со кожно црвенило и да се развие во замор, болки во зглобовите и потенцијални невролошки или срцеви компликации ако не се лекува навреме.
Друга значајна болест е т.н. tick-borne encephalitis (TBE), вирусно заболување кое го зафаќа централниот нервен систем и може да предизвика воспаление на мозокот и менингите. Покрај овие, крлежите можат да пренесат и други зарази, како анаплазмоза, рикециози и ерлихиоза — заболувања кои најчесто започнуваат со висока температура, треска, главоболка и општа слабост. Иако списокот на можни зарази звучи загрижувачки, важно е да се нагласи дека не секој крлеж е заразен и не секое каснување води кон болест. Сепак, свесноста и превенцијата се клучни. Навременото отстранување на крлежот, заштитната облека и проверката на телото по престој во природа значително го намалуваат ризикот од инфекција и овозможуваат безбедно уживање во природата“.
За да се заразите од каснување на крлеж потребно е самиот тој да биде носител на патоген, што значи дека не секој крлеж е заразен. Во случај пак на зараза, преносот на бактерии или вируси обично не се случуваат веднаш, туку бара одредено време додека крлежот се храни на кожата.
„Во случај на Лајмската болест, на пример, ризикот од пренос значително се зголемува ако крлежот остане прикачен повеќе од 24 до 36 часа, додека краткотрајните каснувања носат многу помал ризик. Кај други зарази, како tick-borne encephalitis, преносот може да се случи и порано, но сепак не секое каснување резултира со инфекција. Севкупно гледано, веројатноста за зараза по каснување од крлеж останува релативно ниска, но не е нула. Токму затоа се препорачува брзо и правилно отстранување на крлежот, како и следење на здравствената состојба во наредните денови и недели.“
Повеќето крлежи не се заразени и не претставуваат директна опасност, но дел од нив може да пренесат болести. Ризикот зависи од регионот, видот на крлежот и времето колку долго бил прикачен на кожата. Затоа, иако не секое каснување значи инфекција, важно е крлежот да се отстрани навреме и местото внимателно да се следи во наредните денови.
Иако крлежите често предизвикуваат страв кај луѓето, експертите потенцираат дека со правилна информираност и соодветни мерки, ризикот може значително да се намали. Превенцијата игра клучна улога, но таа зависи од типот на инфекцијата и индивидуалната изложеност.
„За tick-borne encephalitis постои ефикасна вакцина која се користи во одредени ризични региони, додека за Лајмската болест засега нема широко достапна вакцина за луѓе. Во одредени случаи, по каснување од крлеж, лекар може да препорача превентивна антибиотска терапија за да се намали ризикот од развој на инфекција, но тоа не е потребно за секого и се применува само при специфични услови.“
Кај Лајмска болест, првите симптоми најчесто се појавуваат во период од 3 до 30 дена по каснување од крлеж. Болеста има трифазен тек:
Прва (рана локализирана) фаза:
Се јавува карактеристично црвенило на кожата, најчесто во форма на круг што наликува на „мета“ (еритема мигранс). Покрај тоа, може да се појават замор, покачена температура, главоболка, како и мускулни и зглобни болки.
Втора (рана дисеминирана) фаза:Инфекцијата се шири низ организмот. Може да се појават повеќе кожни промени, како и невролошки симптоми (слабост, трнење, парализа на фацијалниот нерв). Кај некои пациенти се јавуваат и срцеви проблеми, како неправилна работа на срцето.
Трета (доцна) фаза:Може да се појави по неколку месеци или дури години. Се карактеризира со воспаление на зглобовите (најчесто коленото), долготрајни невролошки проблеми и хроничен замор.
Важно е да се напомене дека симптомите можат да се појават и по подолг временски период од каснувањето, што ја прави навремената дијагноза и третман особено значајни.
„Најкарактеристичен знак е црвенило на местото на каснување кое постепено се шири и може да добие форма на „мета“ — со поблед центар и поизразен црвен прстен околу него. Оваа кожна промена не е секогаш болна или придружена со чешање, па често останува незабележана. Покрај тоа, кај дел од пациентите се јавуваат и општи симптоми како покачена температура, главоболка, замор, болки во мускулите и зглобовите, како и зголемени лимфни јазли. Важно е да се нагласи дека симптомите може да се појават неколку дена до неколку недели по каснувањето, а нивното навремено препознавање е клучно за успешен третман и спречување на посериозни компликации“.
Кај вирусниот менингоенцефалитис (tick-borne encephalitis) кој е сериозна вирусна инфекција го зафаќа централниот нервен систем, по каснување од заразен крлеж.
„Ова заболување најчесто има двофазен тек. Во првата фаза се јавуваат неспецифични симптоми слични на грип, како покачена температура, замор, главоболка и болки во мускулите, кои обично траат неколку дена и потоа привремено се повлекуваат. По краток период без симптоми, кај дел од пациентите следува втора фаза, која може да биде значително посериозна и да вклучува воспаление на мозокот и неговите обвивки. Во оваа фаза може да се појават симптоми како силна главоболка, вкочанетост на вратот, чувствителност на светлина, нарушување на свеста и невролошки нарушувања. За ова заболување не постои специфична терапија, туку третманот е симптоматски и поддржувачки, поради што превенцијата има особено големо значење.“
Доц. д-р Патриција Каламарас, вели дека каснувањето од крлеж не е ретка појава, па и затоа паниката не е добар сојузник, туку навремена и правилна реакција која е многу важна во случај на каснување.
„Најважно е крлежот да се извади што е можно побрзо, бидејќи ризикот од пренос на зарази, вклучително и Лајмската болест, се зголемува со времето на неговото прикачување. Постапката е едноставна, но бара внимателност: со чиста и тенка пинцета, крлежот се фаќа што е можно поблиску до кожата, без стискање на неговото тело, и се влече полека и рамномерно нагоре, без вртење или нагли движења. По отстранувањето, местото треба да се дезинфицира, а рацете добро да се измијат. Не се препорачува користење масло, алкохол или други супстанции пред вадењето, бидејќи тие можат да го иритираат крлежот и да го зголемат ризикот од пренос на патогени. Во деновите потоа, важно е да се следи кожата и општата состојба и, при појава на симптоми, да се побара лекарска помош“.
Доколку при вадење на крлеж остане дел во кожата, тоа најчесто не претставува сериозна опасност. Обично станува збор за усниот дел, кој телото го третира како туѓо тело и со тек на време самостојно го исфрла, често проследено со благо локално воспаление. Важно е местото да се одржува чисто и да се дезинфицира, без агресивни интервенции.
Кога сме во природа, превентивно треба да се заштитиме. Долги ракави и панталони, по можност светли бои, бидејќи на нив полесно се забележуваат крлежите, советува доц. Д-р Патриција Каламарас.
„Панталоните е добро да се вовлечат во чорапите, а обувките да бидат затворени, што создава физичка бариера и го отежнува пристапот до кожата. Материјалите треба да бидат лесни и дишливи, но доволно густи за да спречат лесно прикачување на инсектите. Дополнително, употребата на репеленти на изложените делови од телото и облеката значително го намалува ризикот од каснување. По секој престој во шума, ливада или парк, важно е телото внимателно да се прегледа, особено на топлите и скриени места како пазувите, задушите и зад колената. “
Препораката е додека сме во природа да избегнуваме густа трева, каде што тоа може да биде потенцијален дом за крлежите. Влажните и засенчени области дополнително го зголемуваат ризикот, бидејќи крлежите најмногу преживуваат во средини со висока влажност и заштита од директно сонце.
Она на што посебно треба да се обрне внимание е дека крлежите не се ограничени само на шумите и руралните средини – тие сè почесто се среќаваат и во урбани паркови, особено во оние со густа вегетација и помалку одржувани зелени површини.
„Градските паркови со висока трева, грмушки и засенчени делови можат да создадат услови погодни за нивен опстанок, особено ако во близина има животни како кучиња, мачки или диви птици кои можат да ги пренесат. Иако ризикот во урбана средина генерално е помал отколку во шумски предели, тој не е занемарлив, особено во пролет и лето кога крлежите се најактивни. Затоа, и при прошетка во градски парк се препорачува основна заштита — избегнување на висока трева, користење репеленти и внимателен преглед на облеката и кожата по враќањето дома“.
Домашните миленици, особено кучињата и мачките што престојуваат надвор, можат лесно да донесат крлежи во домот, бидејќи тие се прикачуваат на нивното крзно и често остануваат незабележани. Иако не секој крлеж се префрла на човек, ризикот од контакт и каснување се зголемува. Затоа, важно е редовно да се проверуваат милениците по прошетка, особено околу ушите, вратот, шепите и под опашката, како и да се користат заштитни препарати.
Иако во најголем дел од случаите каснувањето од крлеж поминува без посериозни последици, експертите предупредуваат дека внимателноста и навремената реакција се клучни за спречување на компликации. Од особена важност е препознавањето на симптомите кои може да укажуваат на инфекција, вклучително и Лајмска болест.
„Лекарска помош треба да се побара и ако крлежот не е целосно отстранет, ако местото на каснување станува силно црвено, болно или гнојно, или ако лицето не е сигурно колку долго крлежот бил прикачен. Посебно внимание е потребно кај деца, постари лица и лица со ослабен имунитет. Навремената реакција и консултацијата со лекар значително го намалуваат ризикот од компликации и овозможуваат брз и ефикасен третман.“
Габриела Додевска Глигоровска