КРИВИЧНИ ЗА НЕКОЛКУ СТРУМИЧАНИ: Oвозможиле луѓе кои се во странство да примаат социјална помош
Седум вработени во Центарот за вработување во Струмица овозможиле на луѓе кои живееле и работеле во странство незаконски да земаат државна помош, со што ја оштетиле државата за над 5.400 евра.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Р.К.(62), Ж.Д.(56), Е.Д.(42), Ж.К.(67), З.Ј.(56), Ј.Т.(45) и Р.А.(55), сите од Струмица, под сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.
Во периодот од 2021 до 2025 година, пријавените, како вработени во Агенцијата за вработување – Центар Струмица, пријавувале лица како активни баратели на работа, иако истите воопшто не се наоѓале на територијата на Македонија, туку биле во странство.
И покрај тоа што според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (член 59-а), тоа е спротивно на прописите, овие лица добивале и гарантирана минимална помош, која требало да им биде укината.
