Кривична за Митревски, новото раководство го обвинува за финансиски злоупотреби
Новото раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија поднесува кривична пријава против поранешниот лидер, Живко Митревски.
Tие го обвинија дека ја злоупотребувал функцијата и фалсификувал документи, како и дека се богател на грбот на работниците.
Митревски, поранешниот претседател на Сојузот на синдикатите (ССМ) ќе се соочи со кривични пријави за злоупотреба на службената положба и фалсификување документи. Ова денеска на прес-конференција го најави в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
„Најпрвин на 25 јуни 2015 година изготвил одлука за животно осигурување, а потоа и одлука за потпишување менаџерски договор со ССМ во која се содржани низа привилегии. Со одлуката меѓу другото се утврдува дека ССМ треба да му исплати надоместок за станот во Скопје во кој престојувал со сите пропратни трошоци, потрошена струја, вода, парно греење, чистачка. Овој надоместок изнесувал 250 до 300 евра месечно“ - вели Димовски.
На Митревски покрај плата од 50.000 денари му се покривани уште и 12.000 денари за одвоен живот како и по 3.000 денари месечно за водење на седниците кои му се во работните задачи. Митревски исто така бил член на Управен одбор на Фондот за пензиско осигурување од каде добивал 10.000 денари и член на Управен одбор на ЈП „Македонски шуми“ каде што земал 31.000 денари.
Митровски ги отфла обвинувњата како неосновани и вели дека станува збор за спин.
