Кривична пријава за сопственикот на коњот што предизвика опасност на автопатот Скопје - Тетово
Секторот за внатрешни работи Тетово до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против 34-годишниот Н.К. од Тетово, под сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“, казниво по член 288 од Кривичниот законик.
Обвинетиот е осомничен дека на 21 септември годинава, во периодот од 14:00 до 14:30 часот без надзор и контрола, го оставил својот коњ со запрега да трча по автопатот Тетово-Скопје, односно се движел во спротивна насока и ја загрозувал безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Полицијата на 23 септември соопшти дека е пронајден сопственикот на коњот кој со запрега трчаше во спротивна насока на автопатот Скопје - Тетово и ја загрози безбедноста во сообраќајот на потегот од клучката за Брвеница кон Требошки натпатник.
Животното беше сопрено и однесено во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово. Еден ден претходно полициска потера го сопре незаузданиот коњ по неколку километри трчање во спротивна насока.
