Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кривична пријава за полицаецот кој со пендрек го удри по глава ракометарот Филип Талевски

Кривична пријава за полицаецот кој со пендрек го удри по глава ракометарот Филип Талевски

Полицаецот кој со пендрек по глава го удри ракометниот репрезентативец Филип Талевски во Охрид доби кривична пријава за прекумерно употребена сила врз граѓанин по завршување на ракометен натпревар во спортската сала „Билјанини извори“, кој се оддржа минатиот викенд.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје, поднесе кривична пријава против Х.Р., вработен како полициски службеник во полициска станица на подрачје на СВР Охрид, поради постоење основи на сомневање дека  сторил кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, по член  143 став 1 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.

Пред крајот на натпреварот меѓу екипите на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер минатата недела се случи мал инцидент без сериозни последици меѓу играчите, во жар на играта, а еден од полициските службеници со пендрек, без размислување удри по македонски репрезентативец. Инцидентот се случи за време на мешаницата која настана крај клупата, а еден од полициските службеници го удри Талески со пендрек во пределот на главата. Видеото од настанот стана вирално.

Внатрешната контрола на МВР против Х.Р. ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а полицискиот службеник ќе бидат суспендиран од работа до завршување на дисциплинската постапка.

„Пријавениот на 13.05.2023 година, околу 20.00 часот во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид по завршување на ракометен натпревар, при вршење на службата со умисла извршил малтретирање врз оштетениот Ф.Т. на начин што неосновано и прекумерно употребил средства  за присилба врз него“, наведе МВР.


Слично

Поврзани вести