Кривична и за екс градоначалникот на Прилеп Ристески
Против eкс градоначалникот на Општина Прилеп и уште три други лица полицијата поднесе известување поради сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.
Покрај поранешниот прилепски градоначалник М.Р. (46), пријавени се и Д.Р. (56) во својство на раководител на одделение за општи и заеднички работи при локалната самуправа Прилеп, К.Н. (49) вработен како домар и лице задолжено за прием и надзор над набавка и А.Т. (42), сектретар на општина Прилеп.
Прилепската полиција, постапувајќи по отворен предмет на ОЈО Прилеп, извршила проверки при што било констатирано дека иако реалната потреба за набавка на екстра лесно ЕЛ-1 масло за греење на новата општинска зграда во Прилеп изнесувала најмногу 10.000 литри по грејна сезона, сепак во годините 2015 и 2016, проектирани и набавувани биле поголеми количини од реално потребните.
Така, во 2015 година од страна на општината било платено за 41.762 литри повеќе од реално потребните, а во 2016 година за 24.963 литри повеќе од реално потребните количини на масло за греење. Всушност, исплатени биле парични средства за вкупно 66.725 литри повеќе, без реално оправдување за таквата количина.
Секој од пријавените во рамките на своите надлежности во текот на 2015 и 2016 година, направиле штета на буџетот на општина Прилеп во вкупен износ од 2.556.666 денари.
