Кривичен засега ги одби сите барања за притвор, одобрени само мерки на претпазливост
Засега Кривичниот суд од Скопје не одобри ниту едно барање на Специјалното јавно обвинителство за изрекување на мерка притвор за обвинетите лица во 17 предмети, но за дел од нив се уште се одлучува.
Постапувајќи по предлози за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост поднесени од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), Кривичниот совет од одделот кривично полнолетни при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по детална анализа на фактите и доказите приложени во предлозите, во законски утврдениот рок, донесе решенија со кои:
- Предлогот на СЈО со НСК-КО.бр.8/17 од 29.06.2017 година, поврзан со предметот во јавноста познат како „Тифани“, за определување мерки за претпазливост против И.Т. заради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело - Даночно затајување од член 279 ст.2 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ, го уважи предлогот и определи мерки за претпазливост и тоа – Обврска на обвинетиот секој работен понеделеник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, и Привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
- Предлогот на СЈО со НСК – КО. Бр. 10/17 од 29.06.2017 година поврзан со предметот во јавноста познат како „Тревник“, за определување мерки за претпазливост против З.П. и С.П. заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – Бесправно градење од член 244 – а ст.1 од КЗ, го уважи предлогот и спрема двајцата обвинети определи мерки за претпазливост и тоа – Обврска на обвинетите секој работен понеделеник во месецот да се јавуваат кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, и Привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
- Предлогот на СЈО со НСК – КО. Бр. 7/17 од 29.06.2017 година поврзан со предметот во јавноста познат како „Тотал“, за определување мерка притвор против Д.П.-Л. заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Даночно затајување од член 279 ст.2 в.в со ст.1 в.в со ст.45 од КЗ, се одбива како неоснован, а по повод предлогот по службена должност му определи мерки за претпазливост и тоа –Обврска на обвинетиот секој работен понеделеник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје; Привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница, и Забрана за преземање на определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
- Предлогот на СЈО со НСК – КО.бр. 1/16 од 29.06.2017 година поврзан со предметот во јавноста познат како „Титаник“, за определување мерка притвор против Е.А. заради основано сомнение дека сторил кривично дело – Уништување на изборен материјал од член 164 ст.3 в.в ст.1 од КЗ, и И.Г. заради основано сомнение дека сториле кривично дело – Уништување на изборен материјал од член 164 ст.3 в.в ст.2 и ст.1 од КЗ, се одбива како неоснован.
- Предлогот НСК – КО.бр. 2/16 од 29.06.2017 поврзан со предметот во јавноста познат како „Тортура“. За определување мерки за претпазливост против И.А., Н.С.,Ф.А., П.М., Ј.Б. и М.Ш. заради основано сомнение дека сториле кривично дело – Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од член 142 ст.1 в.в чл 22 од КЗ, го уважи и на обвинетиот И.А., му определи мерки за претпазливост – Обврска обвинетиот секој работен петок во месецот да се јавува на надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и Забрана обвинетиот да се приближува или воспоставува односно одржува врски со друго лице, наведено во решението. Додека на останаите наведени обвинети им определи мерка за претпазливост - Обврска обвинетите секој работен петок во месецот да се јавува на надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје
Против овие решенија дозволено е право на жалба во рок од 3 дена од приемот на решението преку овој суд до Апеалциониот суд.
Во однос на предлозите од СЈО кои веќе се распоредени и се во работа пред Кривичните совети од одделението за Организиран криминал и корпуција, по писмена изработка на одлуките и нивно доставување до странките, јавноста ќе биде дополнително информирана во текот на утрешниот ден, соопштија од Основниот суд Скопје 1.
