КРИВИЧЕН СУД: ВО ПРЕСУДАТА Е ПРЕСМЕТАН ПРИТВОРОТ - Еве што велат за преиспитувањето на пресудата
Основниот кривичен суд Скопје денеска со соопштение до медиумите се осврна на случајот на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој викендов беше однесен во затворот Идризово.
По бројните реакции околу затворските казни кои ги доби Јанакиески, и реакцијата на фелата дека согласно законот притворските казни на Јанакиески треба да влезат во затворската казна, со појаснување се јавија и од кривичен суд.
- Во однос на непотврдените информации кои викендов беа лиферувани во јавноста во однос на обвинетиот М.Ј. кој по правосилна пресуда врз основа на ПРИЗНАНИЕ НА ВИНА за предметот „Титаник“ е спроведен на издржување на казната затвор, Основниот кривичен суд ја информира јавноста дека:
Во донесената пресуда врз основа на признание на вина со КОК. бр. 7/18 како и во решение на Апелациониот суд – Скопје со кое се потврдува првостепената пресуда, но и во наредбата за спровод од судијата за извршување санкции е наведено дека во досудената казна затвор СЕ ЗАСМЕТУВА времето поминато во притвор односно од 14.11.2018 година до 26.02.2019 година како и времето поминато во куќен притвор сметано од 28.02.2022 година до започнување со издржување на казната затвор на
06.07.2023 година, односно околу една година и девет месеци.
Што значи дека во пресудата веќе е пресметан притворот и куќниот притвор за конкретниот предмет, а согласно и со Коментарот на Кривичниот законик на академик Владо Камбовски (стр. 485 и 486): Поимот на секое лишување од слобода го опфаќа и притворот, како и казната или мерката на безбедност што се состои во лишување од слобода за истото дело, издржана во странство....(чл. 121).... ....Во сите случаи е потребно притворот и издржаната казна или мерка за безбедност да се во врска со казненото дело за кое на сторителот му е изречена казна - се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Од таму исто така се осврнуваат и на барањето за Вонредно преиспитување на пресудата и посочуваат дека „по истекот на сите Законски утврдени рокови за достава на пресудата до останатите обвинети за кои Второстепениот суд ја потврди пресудата донесена врз основа на признание на вина, ќе биде комплетиран и доставен во Врховниот суд на РСМ, како надлежен суд за одлучување по барањето“.
