КРИВИЧЕН СУД СО ДЕТАЛИ ЗА БЛОКИРАНАТА СМЕТКА НА КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“ - денешното рочиште е одложено
По објавата на клиниката „Жан Митрев“ дека целосно се блокирани сметките на болницата, со свое објаснување се огласи и Кривичниот суд, од каде потенцират дека не станува збор за пресуда тука за решение.
- Не се работи за пресуда на судот туку за НЕПРАВОСИЛНО решение за кое жалбата не го одлага извршувањето, а со кое решение се определени привремени мерки за обезбедување на имотно правно барање и тоа забрана за отуѓување на недвижен имот и воедно наложено е на носителите на платниот промет – Банките да не дозволат исплата на ОПРЕДЕЛЕНИ парични износи - посочуваат од судот.
Од таму дополнуваат дека мерките се донесени по предлог на надлежниот Јавен обвинител, а решението е донесено согласно Законот за обезбедување на побарувањето како и член 118 од ЗКП.
- Против ова решение странките имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје како второстепен суд кој одлучува, а кое нешто беше кажано од страна на надлежниот судија на денешната главна расправа - додават од Кривичниот суд.
Денеска иако беше закажано, не почна судењето за Жан Митрев и неговата клиника кои се товарат за измама оти ги држеле во заблуда пациентите со прикривање факти во однос на лекувањето од Ковид – 19 со хемофилтрации. Одбраната побара одлагање за да го доекипира правниот тим.
Направени се промени во правниот тим кој ќе го брани Митрев и клиниката откако адвокатот Стевица Јосифовски на 20 февруари го известил судот дека не може да присуствува на првото рочиште бидејќи е на патување.
Митрев вчера адвокатот Јосифоски го заменил со адвокатите Никола Додевски и Никола Лазаров кои ги ангажирал да ја подготват одбраната за што добија рок до 5 април.
