Кривичен суд останува со в.д. претседателот Рибарев, стариот оглас поништен
Поништен е огласот за избор на претседател на Кривичен суд, каде во трка беа поранешниот претседател Владимир Панчевски и судијата Иван Џолев. Судскиот совет го поништил огласот поради застареност и поради новото оценување на судиите.
Огласот беше објавен во октомври минатата година, а избор досега не се направи бидејќи имаше предвремени парламентарни избори. Пречка беа и контроверзиите помеѓу двајцата кандидати Панчевски и Џолев кои резултираа со кривични пријави и постапки за утврдување на одговорност на судија кои си ги покренаа меѓусебе.
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски вели дека редовното оценување на сите судиите треба да заврши до крајот на идната недела, по што повторно ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Кривичен.
Поради ваквата состојба, иако поставен привремено, на чело на Кривичен останува в.д. Претседателот Стојанче Рибарев кој и понатаму ги бранува односите во Судот последно со нови промени во годишниот распоред. Рибарев повторно ги врати судиите тргнати од предметите на СЈО откако обвиненијата на Катица Јанева беа дадени на оценка. Токму поради ваквите промени, потребна е чистка во Крвичен, вели поранешниот судија Валентин Зафиров.
„Мојот коментар го упатувам до Парламентот на кого му порачува да го промени законот за Судски совет за да можат да почнат какви било реформи во судството и таков насобран. Не знам веќе како да го наречам ќе оставам три точки место тоа. Судии во Кривичниот суд, особено во одделението за организиран криминал и корупција најпосле да се исчисти како со метла, како со џогер“, вели Зафиров.
Зафиров предупредува дека за ваквото однесување судиите можат и кривично да одговараат.
Рибарев пак тврди дека биле прифатени сите желби на судиите.
„Секое поврзување на измената на распоредот за работа со поднесените обвиненија од страна на СЈО, изнесено во одредени медиуми, е израз на непознавање на текот на кривичната постапка и води кон дезинформирање на јавноста“, вели Рибарев во соопштението.
На првиот распоред на Рибарев имаше 17 приговори до Врховниот суд кој не прифати ниту еден од нив.
Извор: ТВ 24