Кривичен суд: Одземен пасош и забранет јавен настап за Латас и Лазаров
Основниот кривичен суд Скопје го прифати барањето на Јавното обвинителство и донесе одлука да им забрани јавен настап на новинарот Драган Павловиќ - Латас и на јутјуберот Стефан Лазаров. Според известувањето од судот, на Латас му е одземен и пасошот.
Ваквите мерки следуваат откако изминатиот викенд Латас зборуваше за тоа како прифатил да учествува во акт на силување на девојка додека бил малолетник, на што наиде на позитивна реакција од водителот Лазаров во неговата поткаст емиисија, наместо на негодување и осуда.
Обвинителството за двајцата поднесе обвинителен предлог за кривично дело Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, по негативните реакции од широката јавност.
„По добивање на обвинителниот предлог, оформен е предмет со К.бр 457/23 кој согласно АКМИС системот е распредeлен на понатамошно постапување кај судија од одделот Кривично полнолетни кој постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост против двете лица донесе решение со кое ПРЕДЛОГОТ НА ОЈО СКОПЈЕ СЕ УВАЖУВА, и на обвинетиот Д.П.Л. му се определува превентивна мерка заради присуство на обвинетиот и тоа – Привремено одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело односно Забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, на обвинетиот С.Л. исто така му се определива мерка на претпазливост заради присуство на обвинетиот и тоа – Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал“, соопшти Кривичен суд Скопје.
Против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 3 дена по приемот до Апелациониот суд Скопје.
