КРИВИЧЕН ЈА ПРЕИНАЧИ ОДЛУКАТА: Асмир Јахоски оди во притвор
За случајот со увоз на штетен мазут, Асмир Јахоски оди во притвор, откако Кривичен суд ја преиначи првичната одлука.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, против решението на судија на претходна постапка против А.Ј., а поврзано со истрагата за набавка на мазут во ТЕЦ Неготино, по одржана јавна седница донесе решение.
„Мерката куќен притвор, определена со решение на судија на претходна постапка се преиначува и се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека истиот може да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци.
Донесеното решени е доставно до странките во постапката и добиено е известие од надлежната полициска станица дека лицето е обезбедено и спроведено во Истражниот затвор Скопје. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.
Основниот граѓански суд Скопје негираше дека донел решение за старателство над четирите деца на сопственикот на компанијата Пуцко петрол, Јахоски.
Токму старателството врз децата, од кои три се малолетни, беа една од причините поради која Jахоски барал ефективниот притвор да му биде заменет со поблагата мерка куќен притвор.
