КРИВИЧЕН ГИ ОДБИ ЖАЛБИТЕ: Рустеми и Саити остануваат во притвор
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ги одбил жалбите на одбраните и го потврдил притворот на сега веќе поранешниот в.д. директор на Комунална хигиена, Сабахудин Рустеми, и на управителот за отпад во јавното претпријатие, Аки Саити, соопштија денеска од Судот.
Претходно, на 28 октомври, Кривичен го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи по 30 дена притвор на Рустеми и на Саити поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, на што нивните бранители вложија жалба, за која во оваа фаза од постапката одлучуваше Кривичниот совет на првостепениот суд.
Рустеми и Саити одлуката за мерката притвор можат да ја обжалат и пред Апелација.
Инаку, против поранешниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие и управителот за отпад, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага откако неодамна Скопје беше преплавено со смет. Ситуацијата предизвика и политички препукувања меѓу двата круга од локалните избори.
Обвинителството ги гони Рустеми и Саити за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230, став 1, од Кривичниот законик (КЗ).
