Економија, финансии, бизнис

Контакт

КРИТИКИ ЗА БРТ НА ЃОРЃИЕВСКИ: Зелен хуман град вели не мора да се уништат 7.000 дрвја и грмушки

КРИТИКИ ЗА БРТ НА ЃОРЃИЕВСКИ: Зелен хуман град вели не мора да се уништат 7.000 дрвја и грмушки

Еколошката иницијатива „Зелен хуман град“ реагира на најавите поврзани со проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, за кој е обезбеден кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оценувајќи дека проектот не смее да се реализира по цена на сериозни еколошки и инфраструктурни ризици.

Од иницијативата посочуваат дека не е точно оти проектот мора да се спроведе во формата во која бил првично зацртан, доколку тоа значи уништување на околу 7.000 дрвја и грмушки во еден од најзагадените градови во светот. Според нив, постојат поедноставни, поевтини и помалку инвазивни решенија за воведување на БРТ-системот, како издвојување на посебна лента од постојните коловозни ленти, без интервенции во средишното зеленило.

„Зелен хуман град“ потсетува дека истата финансиска институција во минатото поддржувала проект за експресен пат низ Националниот парк Галичица, кој беше стопиран поради ризик од сериозна еколошка штета, нагласувајќи дека и во овој случај станува збор за закана по таканаречените „бели дробови“ на Скопје.

Дополнително, од иницијативата предупредуваат дека под средишното зеленило на булеварите поминува главниот водоводен цевковод од изворот Рашче, кој го снабдува градот со пивка вода и претставува инфраструктура од стратешко значење. Според нив, секоја интервенција што може да го доведе овој систем во ризик е неприфатлива, особено кога постојат алтернативни решенија без такви последици.

Од „Зелен хуман град“ апелираат БРТ-проектот да се редизајнира на начин што ќе овозможи подобар јавен превоз, без долгорочно блокирање на градот и без неповратно уништување на зелените површини.


Слично

Поврзани вести