КРИТИЧНО ВО СИТЕ БОЛНИЦИ: Пациенти буквално чекаат итна хоспитализација
-Состојбата во
моментов ни е како велат старите: „тури претури“. Преместуваме пациенти кои не
се болни од ковид, за да направиме места за итна хоспитализација на
најкритичните заразени со вирусот кои мора да добијат болничко лекување, а
верувајте листата на такви пациенти се повеќе се зголемува, велат директорите
на повеќе ковид центри во земјава.
Потенцираат дека оние со најтешка форма на болеста ги трансферираат во Скопје, но и во нивните болници клиничката слика е крајно непредвидлива.
-Состојбата на пациентите се менува од час во час. И самите не можеме да веруваме како може болеста за кус временски период толку да се влоши. Местата ни се целосно исцрпени. Тука во Опшата болница во Велес, целосно се пополнети инфективното одделение, каде се сместени 54 пациенти, интерното одделение каде имаме 15 пациенти, а за време на викендов го подготвуваме и одделението за Физикална медицина, каде ќе ставиме 24 болнички кревети. Со ова темпо, со ваков налет на пациенти, веднаш ќе се поплнат и овие места. Имаме листа на пациенти кои буквално чекаат итна хоспитализација, вели за Фактор, д-р. Весна Николовска Неделкова од Општата болница-Велес.
Д-р. Неделкова истакнува дека и за ова одделение подготвуваат тимови кои ќе работат со пациентите, но истовремено нагласува дека ситуацијата како и во цела држава е крајно критична, бидејќи силите им се на крај. Се работи деноноќно, вели таа, но до кога ќе можеме да издржиме никој не знае.
-Вирусот зема силен замав, и навистина целта ни беше да не потклекне здравствениот систем, но до толку граѓаните не може да ја сфатат сериозноста на ситуацијата. Дури сега малку повеќе се исплашија, па гледаме низ градот одат со маски, нема големи собирања, само си велиме да не е предоцна, посочува д-р. Неделкова.
Во моментов во клиничките и во општите болници, односно во ковид центрите ширум земјава се хоспитализирани 895 пациенти. Здравствените власти веќе објавија дека е активиран планот за дополнителните болнички капацитети, со што целата зграда на Интерните клиники во Скопје ќе хоспитализира болни од Ковид-19.
А.Б.