Кристина Ампева од “Гласен текстилец” : Текстилните работници сеуште се соочуваат со притисоци и злоупотреби
Иако со измените на Законот за минимална кои беа донесени во септември годинава таа беше зголемена на 12.000 денари, во Законот и понатаму остануваат одредбите за исполнување на нормиран учинок како услов за исплата на минималната плата. Ова според познавачите не нуди гаранција дека работниците од сите сектори ќе ја остваруваат законски пропишаната минимална плата и остава простор за манипулации, притисоци и за злоупотреби од работодавците. Кристина Ампева од здружението “Гласен текстилец” за Фактор вели дека секторите каде што треба да се утврди нормираниот учинок и каде се наоѓа најголемиот процент на работници кои остваруваат минимална плата, како текстилната, кожарската, чевларската, рударската индустрија, се всушност сектори каде се јавуваат најголемите прекршувања на работничките права. Таа неколку години работела во текстилна фабрика и вели на своја кожа ги почувствувала неправдите кои работничките секојдневно ги трпеле, па добро ја знае и одблиску ја пренесува нивната мака.
Пред истекот на законскиот рок за исплата на регресот за годишен одмор пропишан со Законот за исплата на платите во јавноста силно оддекна информацијата дека во дел од конфекциите во источниот регион работодавачите исплатиле К-15 по 100 денари.
“Во врска со регресот на годишен одмор или познат како К-15, ако во минатото, не толку одамна, работодавачите ги исплаќаа парите на сметка и утредента ги бараа назад или ги даваа во вид на бонови (во продавници кои се во сопственост или блиски до работодавачите, приморувајќи ги работниците да купуваат производи од таму со двојно зголемена маржа). Веќе деновиве се соочуваме со нов срам, исплата на регресот во износ од 100 денари бидејќи законодавецот не утврдил кој е најнизок износ кој може работодавачот да го исплати доколку работи во загуба. Во услови на неорганизираност во синдикално здружение кое ќе ги застапува интересите на мнозинството работници, работодавачот наоѓа нему близок работник кој се потпишува во нивно име и се сложува на износ каков што му одговара на работодавачот. Во врска со состојбата, се уште дел од трудовите инспектори надлежни во одредени градови сметаат дека може да работат по сопствена волја и да се прават дека не гледаат што се случува. Искрено се надевам дека наскоро ќе се смени тоа. Бидејќи тој инспекторат зема плата за да работи во полза на тие работници, односно да внимава на нерегуларности”- објаснува Ампева.
Мобингот, прекршувањето на работничките права во однос на работното време, користењето денови од одмор, работа за време на неработни денови и празници, неисплаќањето на додатоци на плата, исплата на плата на рака, враќање на дел од платата на работниците, потпишување бланко-документи од страна на работниците, работа во лоши хигиенско-санитарни и безбедносни услови, неефикасноста на инспекцискиот надзор вели се само дел од проблемите со кои се соочуваат работниците во овие сектори. Законските измени не утврдуваат прецизни одредби што значи „соработката на работодавецот со работниците“ при утврдувањето на нормираниот учинок.
“Условите во поголемиот број фирми држат до некои стандарди, единствено што немаат мензи. Но имаше пријави за една конфекција во Штип и една чевларска исто во Штип каде работниците се жалат на нехигиенски , небезбедни услови за работа. Пријавите до нас се за неисплатени плати, неисплатени додатоци на плата, К15, плата на рака, незаконско прекинување на работниот однос, нерегулиран работен однос”- потенцира Ампева.
Дополнително вели дека недостасува класификација на работните места по операции и затоа работниците во текстилната индустрија не можат да достигнат 100 отсто успешност.
“Работниците се незадоволни и имаат прашања кои и на нас како организација која се бори за нивните права ни се тешки да ги разбереме и да ја смениме од корен состојбата која се таложеше децениски. Едно такво актуелно прашање е што се случи со минималната плата и зошто пак не важи за нив или пак за регресот за годишен одмор. Прашуваат како може плата помала од 12.000 денара да помине преку УЈП. Дека оние пари на рака кои ги добиваа за прекувремена работа и за празник сега им се пресметани во таа плата од 12.000 денари за редовна работа, имале и прекувремена работа, а работеле и на празник. Жал им е што сите имаат продолжени викенди, а тоа за нив не важи (секоја чест на ептен ретки исклучоци). Се на се, ситуацијата е иста, но им е потешко бидејќи очекуваа правда да има и за нив. Има градови каде се исплаќа минимална плата за редовна работа, исполнет нормиран учинок, но прекувремената работа ја нема. Има некаде каде се исплаќа и под 12.000 денари, бидејќи наводно не ја извршиле нормата. Некаде се исплаќаше минимална но парите под притисоци работниците ги враќаа назад ”- вели претседателката на “Гласен текстилец”.
Утре во Штип ќе се одржи првата „Текстилијада“ под мотото „Култура за, култура од, култура со текстилните работници“. Настанот има за цел да отвори значајни теми поврзани со локалната индустриска гранка – текстилот, преку дебати и културни случувања кои што ќе го свртат вниманието на јавноста кон прашањата за синдикалното организирање и иднината на текстилните работници. Работничките особено во текстилната индустрија вели сеуште се плашат јавно да говорат бидејќи може лесно да го изгубат работното место, но ги охрабрува дека здружено може да бидат истрајни и да делуваат како социјален партнер во креирање на политиките за нивниот труд. Според Ампева потребна е и едукација за подигнување на јавната свест за правно зајакнување на текстилните работнички и за нивно самозастапување.
