Кристијан Тимоние потсети дека без завршени домашни задачи нема преговори
Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние како и многу пати досега денеска апелираше дека мора да се работи за да се почнат преговори со Европската Унија.
„Нашата цел е да стремиме кон тоа да креираме независна Европа која што ќе соработува со сите земји членки“, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.
Тој вели дека не е целта само да се почнат преговори, туку сите точки треба да се исполнат.
„Отворањето на преговори за членство во ЕУ треба да е одраз на заслуги за да има успех и за вас и за Европа“, порача Тимоние.
Франција стави вето на одлуката да се додели датум за преговори со Македонија и Албанија. Македонија сега ќе го чека исходот од самитот во Загреб на пролет.
Францускиот претседател Емануел Макрон е поборник на идејата ЕУ да се реформира, па дури потоа да прима нови членки.
За оваа цел тој предложи нова методологија.
Сепак, Макрон на средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски рекол дека не му била идејата да ни понуди алтернатива за членство.
Но, не е само Франција. И Холандија и Данска имале резерви за почеток на преговори со Македонија и Албанија.
„Ако напролет повторно се одложи одлуката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, тоа за земјите би бил многу сериозен удар. Повторувањето на стратегиската грешка од октомври би можело да има многу длабоки, непредвидливи, а можеби и непоправливи последици“, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за германски „Шпигел“.
Но, од друга страна, девет држави од ЕУ месецов излегоа со „нон пејпер” за забрзана евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.
Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Литванија, Летонија, Малта и Полска доставија во Брисел свој предлог за „унапредување на процесот и одржлива и забрзана интеграција на Западен Балкан”.
