КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ: Расте задолженоста – 10 000 нови кредитни картички!
Заклучно со првата половина од годинава во земјава во оптек биле повеќе од 1,5 милиони платежни картички. Податоците од извештајот на Народната Банка покажуваат дека заклучно со јуни, во прометот циркулирале скоро 1,2 милиони дебитни картички и повеќе од 323 илјади кредитни картички.
Споредбената анализа покажува дека за шест месеци, или во јуни во однос на јануари бројот на платежни катрички се зголемил за 36 436 нови картички. Раст има и на бројот на дебитни и на бројот на кредитни картички. Така, во јануари во оптек биле 1,1 милион дебитни картички, чиј број за шест месеци се зголемил за повеќе од 26 илјади нови картички. Пораст има и кај кредитните картички за околу 10 илјади новоиздадени.
Според последната анализа на НБРМ, кредитните картички, заедно со потрошувачките кредити и негативните салда на тековните сметки имаат најголем удел во задолженоста на домаќинствата.
“Според типот на кредитот, граѓаните со месечни примања над 30 000 денари учествуваат со дури 75,7% во вкупната кредитна изложеност по основ на станбени кредити, додека лицата со месечни примања до 30 000 денари имаат најголемо учество во кредитната изложеност врз основа на потрошувачки кредити, кредитни картички и негативни салда на тековните сметки“, пишува во извештајот на НБРМ.
Банките во земјава оперираат со неколку видови на картички: „American Express“, “CASYS“, “EURO Standard“, “Mastercard“, “ProCredit“, “TTK Kartica“ и “VISA“.
Слично
