Кредитите во опаѓање, неизвесноста на кризата тешко влијае врз задолжувањето
Комерцијалните банки заклучно со септември имаат издадено помал број на кредити за граѓаните и фирмите, извести Народната Банка во последниот извештај.
Резултатите од Анкетата за кредитната активност укажуваат на нето-намалување на побарувачката за потрошувачки кредити и мало нето-зголемување на побарувачката за станбени кредити. Што се однесува на одделните типови кредити на домаќинствата, прирастот и натаму произлегува претежно од зголемувањето на потрошувачките кредити, но со помал придонес во однос на претходниот квартал, се вели во ноемврискиот извештај на НБРМ.
Дел од граѓаните велат дека во услови на политичка незивесност се воздржуваат од поголеми задолжувања во банките. И дел од менаџерите на банките велат дека во изминатиот период е регистрирано забавено кредитирање, иако за разлика од вториот квартала сега има мал пораст.
Банките и натаму се отворени и продолжуваат со кредитирање. Условите за кредитирање се олеснети, но препазливоста за одбрување останува голема. Во изминатиот период има раст на кредитирањето, но воздржаност за побарувачка има и од страна на населението, пренесува 24 Вести.
За разлика од кредитирањето на населението, кои практично го подигнуваат вкупниот кредитен раст, кредитирањето на компаниите се намалува.
Кредитите на корпоративниот сектор забележаа квартално намалување од 1,1 %, коешто беше пониско во споредба со претходниот квартал (пад од 3,8%), се нотира во извештајот на НБРМ.
Заклучно со септември вкупната кредитна изложеноста на банките изнесувала 4,4 милијарди евра, при што раст има кај денарските додека намалување има кај девизните кредити.
Банкарите имаат прогноза дека во наредниот период незначително ќе се зголемува потребата од станбени кредити, а потрошувачките ќе се намалуваат.