Кредитите на граѓанскиот сектор растеле за 500.000 евра просечно дневно!
Според официјалните податоци на централната банка денарските кредити од август лани до август годинава пораснале за 11,15 милијарди денари (181 милиони евра) и изнесуваат 97,46 милијарди денари. Кај компаниите во истиот период кредитирањето во денари пораснало за 8 милијарди денари (129 милиони евра).
Кредитирањето во денари на граѓанскиот сектор за една година, од август лани до август годинава, растело за неверојатни 500.000 евра просечно дневно, покажуваат официјалните податоци од билансот и прегледите на Народната банка на Република Македонија објавени во понеделник на интернет страницата на централната банка. Кредитната изложеност на граѓанскиот сектор во денари на крај на август изнесува 97,46 милијарди денари (1,58 милијарди евра) и во споредба со август лани пораснала за 11,15 милијарди денари односно за 181 милиони евра. Слична е тенденцијата и кога се споредуваат податоците на месечно ниво. Од јули до август годинава кредитирањето во денари пораснално за 923 милиони денари односно за 15 милиони евра. Просечно дневно кредитирањето на граѓанскиот сектор во овој период растело за 29,77 милиони денари.
Кредитната изложеност на граѓанскиот сектор во девизи изнесува 6,16 милијарди денари односно 100 милиони евра. Споредбата на податоците за кредитната изложеност во девизи во споредба со август лани покажуваат снижување за 1 милион евра.
Кај стопанството состојбата со кредитирањето во денари на краток рок бележи сосема спротивна тенденција од кредитирањето на граѓанскиот сектор. Во август наспроти јули годинава кредитирањето во денари на фирмите бележи пад од 26 милиони денари и изнесува 91 милијарда денари (1,48 милијарди евра). За една година кредитната изложеност на фирмите спрема деловните банки пораснала 7,96 милијарди денари до износ од 91 милијарди денари. Кај изложеноста во странска валута кредитирањето на компаниите бележи различна тенденција од денарското кредитирање. Вкупниот кредитен износ во девиза на крај на август годинава е 48,36 милијарди денари (785 милиони евра) и за една година пораснала само за 5 милиони евра. На месечно ниво август во споредба со јули годинава кредитирањето во девизи бележи пад за 2 милиони евра.
Вкупни кредити во стопанство и граѓански сектор изнесуваат 244,13 милијарди денари (3,96 милијарди евра) во август и за еден месец пораснале 679 милиони денари (над 11 милиони евра). Во споредба со август лани износот на сите кредитни побарувања на банки и штедилници пораснал за 19,26 милијарди денари односно за 312,6 милиони евра.
Р.Ф.
Слично
