КРЕАТИВНОСТ, КОМУНИКАЦИЈА, ТИМСКА РАБОТА: Меките вештини се неопходни за денешните работни места
Креативност, комуникација, емоционална интелигенција, мотивација, иновативност, менаџирање со време, работа во групи се дел од меките вештини кои се многу важни за напредок во кариерата.
Освен завршеното образование, важни се и карактеристиките и навиките кои нè обликуваат и влијаат на тоа како ние работиме, сами, но и со другите. Комбинацијата на тврди и меки вештини е неопходна за продуктивни работници.
„Меките вештини се неопходни на денешните работни места бидејќи придонесуваат за ефективна комуникација, соработка, но и професионален успех. Иако е можно да оствариме професионален успех без да посветиме внимание на развој на овие вештини, тоа значително би нè ограничило при изборот на идната професија и нашиот кариерен развој. Поради тоа што јасната комуникација е основа за пренесување на нашите идеи, поттикнување на тимска работа, но и намалување на недоразбирањaта. Скоро и да не може да се замисли работно место каде овие вештини не се барани. Во оваа ера на постојани промени на пазарот на труд, приспособливоста и флексибилноста се основни меки вештини кои им овозможуваат на поединците да ги прифатат и да се справат со новите предизвици на работното место. Од друга страна пак, поединците кои се стремат кон достигнување на лидерски позиции треба да посветат уште повеќе внимание на развој на меките вештини. За нивниот професионален успех клучна е емоционалната интелигенција, способноста за разрешување конфликти и проблеми, критичкото размислување, но и ефикасното управување со ресурси и воспоставување на добра тимска динамика“, вели Изабела Христовска Шкоф, сертифицирана кариерна советничка.
Истражувањето на Фондацијата Карнеги Мелон покажа дека 75 отсто од долгорочниот успех на работа, зависи од меките вештини што ги имале вработените. Друга студија на LinkedIn покажа дека 57 отсто од работодавците ги ценат меките вештини повеќе од тешките вештини кога вработуваат нови работници. Тврдите вештини ги претставуваат барањата неопходни за правилно извршување на работата, а меките вештини им помагаат на вработените да се справат со одредени ситуации. Во 2017 година, „Делтоит“ објави дека професиите со меки вештини ќе сочинуваат две третини од сите работни места до 2030 година и дека ангажирањето на вработени со повеќе меки вештини може да ги зголеми приходите.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
