Креативност која инспирира и мотивира: Како настана новиот „Еко-двор“ во „Вера Циривири - Трена“
Креативност, желба знаењето да е приоритет, можности учењето да е со нова вредност - многу квалитети се споени во идејата за нова еко училница во скопското основно училиште „Вера Циривири-Трена“. И годинава вработените и учениците создадоа во дворот на училиштето кое се наоѓа во Карпош 2 место каде учениците ќе учат, ама на малку поразличен начин, ќе напредуваат во околина која нуди дополнителна мотивација. Првите часови во новиот „Еко двор“ во ова основно училиште веќе се одржуваат, а оваа училница годинава доби пофалница и од Општина Карпош.

Ништо не е вообичаено во новиот „Еко двор“ на „Вера Циривири-Трена“. Ова училиште и во 2019 година меѓу првите ја промовираше важноста од зголемување на активностите на децата и меѓу часовите со јакнење на нивната креативност, желбата за игра, развивање на вештините. Тогаш беше разубавен дворот - сега дополнително се создадени нови можности на дворот кој буквално е претворен во нова еко-училница.
Проектот се работеше и во услови на пандемија, а со креацијата се создаде простор за настава на отворено, работилници, училишни настани.

Светлана Шајноска, в.д директор на училиштето вели дека и годинава во училиштето посветиле големо внимание на овој проект, свесни дека вложуваат во учениците, во поттикнување на нивната креативност, мотивираност. Годинава општина Карпош, вели, го препозна нашиот труд.
„Добиената пофалница е потик наредната година да бидеме уште по креативни, затоа што навистина е предизвик од отпадот да направиш креации со упторебна вредност . Сработивме од срце, оплеменивме катче во дворот кое ќе биде место за настава и релаксација на сите ученици и наставници! Благодараност до сите кои вложија дел од својата креативност во нашиот проект „ Еко двор“, вели Шајноска за Фактор.
Од котури на МЕПСО се направени масички и столчиња, од пластични шишиња искреирани прекрасни саксии и ежиња, од дрвените гајби вовче, а од излижаните гуми интересни фигури.


Еко - училниците стануваат препознатлив белег на училиштата во општина Карпош. Во креирањето на оваа во ова училиште, посебен придонес имале дефектологот Андријана Тодоровска, одделенскиот наставник Анита Петровска и хаус мајсторот Зоран Ѓорѓиевски.


Климатските промени и свеста за светските проблеми со животната средина се несомнено голем предизвик во денешно време, секако и во училиштата. Потребно е вакви идеи да се унапредуваат и поддржуваат, во поголеми еко училници, па и еко училишта затоа што само така децата и младите ќе останат свесни да ја подобруваат нашата околина.



