Кратовчанката која ги уби сопругот и свекорот е осудена на седум и пол години затвор
Седум и пол години затвор доби Вангелица Илијевска од Кратово за убиството на сопругот и свекорот. Судскиот совет од Основен суд Куманово денеска изрече пресуда, откако обвинетата призна вина, а Основното јавно обвинителство на денешното рочиште изврши преквалификација на делото од кривично дело „убиство“ во „убиство на миг“. Жената пред скоро две години со нож ги уби сопругот Јован и свекорот Стојан.
Јавниот обвинител Газменд Мехмеди рече дека по изготвеното „психијатриско вештачење во однос на психичката состојба на обвинетата, таа дејствувала во состојба на силна и интензивна, нагласена раздразливост без своја вина на која ѝ претходел напад на сега починатиот сопруг, и поради стравот за нејзиниот интегритет и сопствената безбедност, како и силен интензивен афект кои доминирале врз нејзиниот психички апарат, обвинетата била доведена во состојба на експресија и манифестирање на импулсивно агресивно празнење“.
Обвинетата Вангелица Илијевска го призна делото, кажувајќи дека дејствувала во афект, дека жали за сторените кривични дела.
На судењето и обвинителството и одбраната имаа завршни зборови, како и застапникот на оштетените, починатите сопруг и свекор. Обвинителството побара судот да ги земе предвид и олеснителните и отежителните околности, одбраната, адвокатот Христијан Георгиевски побара судот да земе предвид дека обвинетата 15 години била жртва на семејно насилство за што во постапката биле доставени докази од релевантни институции, полицијата, центар за социјални работи … дека таа е мајка на две малолетни деца и дека досега не била осудувана.
Судскиот совет донесе пресуда од седум и пол години затворска казна, сметајќи го и времето на обвинетата поминато во куќен притвор, нагласувајќи дека притворот ќе продолжи сè до правосилноста на одлуката.
Адвокатот Георгиевски рече дека како одбрана веќе две години се обидувале да докажат дека првичното обвинение не е соодветно за што поднеле над 75 материјални и вербални докази.
„На денешната главна расправа на изненадување на одбраната, Обвинителството изврши преквалификација, односно убиствата се извршени во услови на напад, при силна раздразливост и семејно насилство и ја смени нашата стратегија. По консултацијата со обвинетата одлучивме да ги признае двете кривични дела. Судот изрече по четири години и шест месеци, поединечно за секое од двете дела или вкупно седум и пол години. Имам целосна доверба во судскиот систем. Одбраната продолжува да се бори за сите жртви на семејно насилство, вклучително и на Илијевска“, рече Георгиевски.
Тој кажа дека негов правен совет е да се обидат да ја намалат казната, но за тоа ќе треба да разговара со Вангелица. Малолетните деца се кај нивен роднина во Кратово, под надзор на центарот за социјални работи Кратово.
