Краделе во прилепската болница додека финансиска полиција чешлала
Додека Управата за финансиска полиција неколку месеци го чешла работењето на прилепската болница, вработени од ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ – Прилеп ја краделе касата со уплатени средства од пациентите.
„Денеска сакам да ја информирам јавноста дека поднесовме кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп против две службени лица од ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ – Прилеп, поради основано сомнение за сторено кривично дело Проневера во службата. Во периодот од август 2024 до април 2025 година, пријавените лица противправно присвоиле вкупно 2.269.317 денари од средства наплатени од пациенти, со што директно го оштетиле буџетот на болницата“, објави Слободан Ивановски, директорот на финансиска полиција.
Вработените лица се решиле на ваков потег иако знаеле дека повеќе месеци Управата за финансиска полиција врши контрола на финансиското работење во прилепската болница за последните неколку години. Пред еден месец беше објавено дека Основното јавно обвинителство Прилеп и Финансиската полиција вршат претреси на повеќе локации во градот поради сомнежи за финансиски злоупотреби на Прилепската болница.
