Ковид е поопасен за дијабетичарите: Што ја зголемува смртноста
Ковид – 19 сериозно ги засега дијабетичарите бидејќи тие иако не се разболуваат почесто во споредба со општата популација сепак, во случај на инфекција, развиваат потешки форми на болеста кои може да завршат и со смртен исход, вели проф. д-р Татјана Миленковиќ од ЈЗУ Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот. Таа зборуваше на неделната он-лајн дебата која ја организира Лекарската комора на РСМ, а овој пат беше на тема „Ковид-19 и дијабетес“.
Кај овие пациети се потребни почести контроли.
„Во секојдневната пракса и соочување со овие пациенти гледаме и дека колку е поголем број на коморбидитети толку се поголеми и шансите за да дојде до компликации и фатален исход. Студија покажала дека морталитетот на пациенти со дијабетес бил 10 проценти, додека кај пациенти без дијабетес 2.5 проценти. Кинескиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека пациентите без коморбидитети имаат стапка на морталитет 0.9%, додека кај пациентите со дијабетес стапката на морталитет е 7.3%“, објасни проф. д-р Миленковиќ.
Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик за компликации од ковид-19 и фатален исход поради повеќе причини меѓу кои и тоа што имаат дефекти во имунитетот, имаат зголемен ризик за тешки инфекции поради зголеменoто ниво на цитокини, а инфекцијата со ковид-19 ја зголемува состојбата на инсулинска резистенција кај дијабетесот.
„Целокупната смртност од ковид-19 е поголема кај луѓето со дијабетес тип 1 во споредба со дијабетес тип 2. Главните ризик фактори кај пациенти со дијабетес тип 1 за полош клинички исход на инфекција со вирусот се пациенти постари од 50 години, долго траење на дијабетесот, голема преваленца на придружни заболувања. Забележана е поголема зачестеност на дијабетесна кетоацидоза кај деца и адолесценти со новоткриен тип 1 дијабетес за време на ковид-19, но инциденца е иста во споредба со претходните години во истиот временски период што се претпоставува дека покажува дека ковид – 19 не ги зголемува шансите за појава на тип 1 дијабетес, само ја влошува прогнозата за лекувањето“, објаснува проф. д-р Миленковиќ.
На лошата состојба на пациентите со дијабетес влијае и тоа што долго време се во домашен карантин, не се подложни на редовни контроли што дополнително го влошува дијабетесот и допрва ќе се гледаат негативните последици од тоа, а и стресот и паника која ја чувствуваат негативно влијае на регулацијата на шеќерот.
