Ковачки за Петровска: Значи парцелата не била продадена пред 10 години туку пред нецели 2 години?
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки вели дека министерката за одбрана, Славјанка Петровска призна дека била сопственик на парцела што ја продала пред 10 години.
Тој вели дека демантот на оваа информација на Петровска стигна од директорот на Катастар кој јавно изјави дека земјиштето е продадено во текот на 2020-та година.
„Значи парцелата не била продадена пред 10 години туку пред нецели 2 години. Дали парцелата која неспорно е сопственост на Петровска била пријавена во Анкетниот лист, која била должна да ја пријави? Секако не? Зошто? Сега за втората лага. Незадоволни од изјавата на Петровска СДСМ одлучи доцна вечерта да го активира и директорот на катастар со задача да и биде спасител, односно да ја убеди јавноста дека на лице место не постои објект. Ако пет години директорот на катастар спие не значи дека Google спие“, изјави Ковачки.
Ковачки прикажа слики од кои може да се види целата историја на објектот.
„На првата слика може да видите дека до 2007 година на парцелата не постои никаков објект. На следната слика може да се види дека во 2009 година без никаква градежно техничка документација министерката Петровска гради објект. Значи на снимката од Google за првпат е регистриран објект на парцела која неспорно е сопственост на министерката Петровска. Токму во овој период е и систематското запишувања на правата на недвижности од страна на катастарот, кој согласно правилниците кои се објавени во Службен весник, Петровска била посетена од службениците, ги пуштила да влезат во објектот истите ја измериле внатрешната површина и им соопштила дека таа е сопственик на објектот, истите тоа го запишале и ја повикале градежната дозвола и проектот за објектот треба да ги донесе во катастар. Доказ за ова е Пописниот лист за објект кој до ден денес постои во катастарската евиденција. Пописниот лист е доказ дека Славјанка Петровска не поседува градежнотехничка документација односно на нејзината парцела изградила дивоградба“, рече Ковачки.
Тој посочи дека според Google во 2012-тата година покрај куќата Петровска гради и базен.Таа рече дека пратеникот има рок од 24 часа да се извини, а во спротивно, како што рече, против него ќе поднесе тужба за клевета, а парите ќе ги донира на жртвите од владеењето на екс премиерот Никола Груевски.
Петровска го повика Ковачки да се извини на семејството што е легален сопственик на имотот и да престане со, како што рече, старите навики на незаконско следење и фотографирање.
ВМРО-ДПМНЕ извесно време обвинува дека функционерите поседуваат таен имот.