Ковачки тврди дека највисоки офицери изнудувале сексуални услуги од своите подредени колешки во армијата
Има обвинувања за секс афери во армијата. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, обвини дека највисоки офицери изнудувале сексуални услуги од своите подредени колешки во армијата.
Покрај појавата за плаќање кеш и давање мито за мисии во АРМ, тврди дека има сериозни случаи на злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на офицерки и воени лица.
„Истите високи офицери за возврат им ветувале школување на воената академија и други бенефити. Трагајќи по главните митаџии во Министерството за одбрана во телефонот на уапсено лице се пронајдени докази, односно постојат фото и фонозаписи, со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник и за тоа се информирани министерката за одбрана и Стево Пендаровски, кој не покажал интерес за ништо. Зошто министерката и Пендаровски не преземаат ништо? Тие одлучија да молчат“, рече Ковачки.
Министерката Славјанка Петровска одговори дека не смее министер за одбрана да влијае на истрагата. Кажа дека секогаш кога добивала каква било информација таа пријавувала во согласност со процедурата. Петровска кажа дека не води истрага и не може да преземе постапки на своја рака затоа што нема такво законско право.
Ковачки и претходно изнесуваше обвинувања за тоа како функционира армијата.
