Ковачевски за крстот на Шар Планина: Не ни требаат улични борби како на Калето
Премиерот Димитар Ковачевски денеска при посетата на Прилеп рече дека на државата повеќе не и требаат „улични борби како оние на Калето во 2011 против отворањето на музеј-црквата“.
Ковачевски ова го искоментира како коментар за подигнатиот 15-метарски крст во рамките на верски објект пред неколку дена на Попова Шапка. Настанот ги крена тензиите кај албанскиот политички блок кој бара овој верски објект да биде отстранет.
Премиерот повика да не се креира тензија како во 2011, кога во фамозната тепачка помеѓу навивачките групи учествуваше и актуелниот прв вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби.
„Првата порака е дека политиката треба да ги тргне рацете од верата, бидејќи ние сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата што е негова. Ние сме докажана мултирелигиозна држава. Се потврди дека постојат политичари, како опозицијата која го води градот Тетово, која реално нема што да покаже пред граѓаните што е направено во однос на проектите што ги ветуваа, па единствено им остана да подгреваат верска и национална нетрпеливост
Второ, сите спорови кои што потекнуваат од какви било градежни објекти, без исклучок, треба да бидат решавани во рамки на законот и во рамки на институциите, почитувајќи ја секуларноста на државата и потребата од верско изразување
Трето, сметам дека на државата и требаат одлуки во однос на интегрирање во Европската Унија, бидејќи во спротивно ќе го гледаме она што го гледавме 11 години - а добро се сеќавате дека не направивме тогаш ниту милиметар исчекор, а гледавме само учични борби на Кале, во која едни подигнуваа верски објект, а други го напаѓаа верскиот објект. Тоа не и треба на државата“, искоментира Ковачевски.
