Ковачевски во Рејкјавик против Јотова: Не ги почитувате стандардите за човекови права
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ги „запозна“ учесниците на тркалезната маса со систематското газење на правата на Бугарите во Македонија денеска на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд.
Премиерот Димитар Ковачевски на генералната дебата „Обединети за Европа“ на 4.Самит на Советот на Европа реагираше дека Јотова настапува без никакви аргументи во својот говор.
- Да заклучам со следново. Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Македонија за жал е многу сличен на дискурсот кој руската федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа. Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права. Сите извештаи го потврдуваат тоа. Обвинувањата наведени на овој Самит од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја која што не ги почитува пресудите на ЕСЧП и стандардите на Советот во областа на човековите права, истакна Ковачевски.
„Не може да се гарантираат човековите права само во документи. Секој обид за нивно прекршување мора да биде пречекан со цврст став и силна акција“. Ова го истакна претходно Јотова, која учествуваше на тркалезната маса за новите предизвици за човековите права што се одржа во рамките на IV состанок на Советот на Европа во Рејкјавик.
