Ковачевски: Таравари не е толку судбоносен за државата
Не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Арбен Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата, изјави денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Тој на денешната прес-конференција со претседателот на Социјалдемократската партија на Германија Ларс Клингбеил, рече дека претседателот на Алијанса за Албанците, кој предизборно се наклонува кон албанскиот опозициски блок иако неговата партија е дел од владината коалиција, не е клучен за иднината на државата.
- Ние имаме мнозинство во Парламентот кое се залага за евроинтеграција на државата. Во нашата држава има политички партии кои што се за европска интеграција на државата. Ние не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата. Сепак се работи за политичар од Гостивар кој е успешен доктор, кој прави свои политички калкулации, рече Ковачевски.
Но, посочи, иднината на државата не може да зависи од еден човек или од една политичка партија, тоа е сепак општествен процес.
