КОВАЧЕВСКИ СЕ ПОВИКА НА ИЗЈАВАТА НА ЗАЕВ: самиот тој ги демантираше гласините за пуч во СДСМ
По информациите во јавноста дека поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, припрема пуч во владејчката партија, актуелниот претседатели и премиер на Македонија, Димитар Ковачевски пред новинарите посочи дека партијата е консолидирана и дека има комуникација со сите поранешни претседатели на СДСМ.
- Веќе добив вакво прашање во едно од интервјуата за Нова година, и таму и сега потенцирам дека мојот однос со сите поранешни претседатели на СДСМ е на ниво на комуникација со луѓе кои се вградиле како во развојот на партијата, така и во развојот на државата, бидејќи сите извршувале високи државни функции, и секако дека искуството кое го имаат, доколку биде потребно, тогаш јас знам да се консултирам со нив – објасни Ковачевски.
Премиерот нагласи дека најголем дел од претседателите присуствувале во текот на трибините кои ги имаше СДСМ како политичка партија во текот на месеците октомври, ноември и декември.
- Сите тие присуствуваа на различни трибини и така ја искажаа својата поддршка. Во однос на прашањето за поранешниот претседател на СДСМ и претседател на Владата, тој самиот ги демантираше овие гласини, така што јас не би сакал да коментирам туѓи изјави. Она што јас ќе го истакнам е дека СДСМ по поразот на локалните избори во 2021 година, веќе е консолидирана партија, која ги гради своите политики во рамки на официјалните состаноци на извршниот и централиот одбор – потенцира Ковачевски.
Консолидацијата, посочи Ковачевски, се потврдила преку големиот број трибини, вкупно 79 низ цела држава со раководстовот што се потврдило и со победата на изборите за градоначалник во Маврово-Ростуше и подобрените резултати на изборите за советници во Општина Тетово.
Медиумите изминатиов период на големо пишуваат за обид за пуч во владејачката СДСМ. Како што пишуваше „Плус инфо“, поранешниот партиски лидер Зоран Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на својот избраник Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
За несогласувањата меѓу Зoран Заев и Димитар Ковачевски, односно за обидите на Муртинецот да ја задржи контролата врз своите инсталации во партијата и во Владата, се шпекулира подолго време. Митингот на СДСМ во салата „Борис Трајковски“ на 17 декември покажа дека имало основа за таквите шпекулации. Иако поканет, Заев не се појави на овој настан. Се слушнаа и гласини дека тој своето отсуство не го оправдал, туку го искоментирал со дрски забелешки на сметка на својата партија – пишува „Плус инфо“.
Деновиве приказната ја продолжува и неделникот „Фокус“ кои пак пишуваат дека Заев за нов партиски генсек го нуди поранешниот партиски потпретседал и министер за здравство Венко Филипче.
Според, пишувањата на „Фокус“, сепак, Ковачевски одбива да го жртвува Зечевиќ, кој му стана трн во око на Заев поради тоа што лобирал нов директор на АНБ да стане Заре Милошевски. Тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување ВИП личности и објекти, кој во минатиот период имаше многу критики до Заев.
