Ковачевски: Пратениците да го дадат својот глас за народот, а не за кариерата на кој било политичар
Сите пратеници да го дадат својот глас за народот, а не за кариерата на кој било политичар, порача премиерот Димитар Ковачевски. Тој повика на сплотеност со цел посигурна иднина за сите.
„Ќе ги предложам сите потребни одлуки Северна Македонија да го продолжи својот пат во остварување на втората стратешка цел а тоа членство во ЕУ, се надевам дека сите политички партии во државата, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за народот, а не за лична кариера на било кој политичар во државата“, изјави Ковачевски.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, вчера не сакаше да даде свој коментар за ставот на сенаторот Крис Марфи, кој претходно од Скопје порача да се усвојат уставните измени, во спротивно неизгласувањето би претставувало загрижувачки чекор во односите меѓу Македонија и САД. Таа кусо рече дека неговата порака е јасна и важна. Македонската опозиција смета дека уставните измени нема да поминат, а власта ќе треба да сноси политички последици за тоа. Неодамна хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кажа дека е можно раздвојување на Македонија и Албанија во евроинтеграциите.
