Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ковачевски по изјавата на Агелер: И мене човек со пушка ми се заканува на Фејсбук

Ковачевски по изјавата на Агелер: И мене човек со пушка ми се заканува на Фејсбук

Откако американската амбасадорка Анџела Агелер коментирајќи го убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска рече дека системот е тој кој не успеал да и помогне на таа млада девојка, коментар беше побаран и од премиерот Димитар Ковачевски, кој пак рече дека и на него му се заканувале лица кои се уште не се казнети.

-Гледаме дека има списоци, мора да се реагира. Лани се носеа гилотини пред Собрание. За мене имате човек кој што со пушка во рака на социјални медиуми, се заканува дека ќе ме убие. Сега чекам да видам што се случило со човекот. Тој е од тука од земјава, но се уште немам никаква информација. Кога тоа ќе помине неказнето, друг ќе види и ќе си каже: еве ова поминува неказнето…, рече Ковачевски во емисијата „Студио 10“.

Сличен коментар за изјавата на амбасадорката Агелер дека институциите треба да се подзамислат за тоа како дозволија да се случи убиство на дете и дали МВР се препознава во таа нејзина изјава, даде и Спасовски. Тој го повтори ставот дека целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, на судењата и во однос на извршувањето на санкциите.

„Јас тоа многу често го зборувам и пред медиумите. И кога говорев за неказнивоста на сите оние кои ја пљачкаа државата, кои го уништуваа народот во изминатиот период и беа главни во општеството без да носат одговорност, кога зборував за консолидација на судскиот систем. Сето тоа е нешто што мора да си го разбереме и да го прифатиме како состојба што мора да се менува. Така да менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно.

Да не ни се случува кога ќе ги приведува Министерството за внатрешни работи и за кратко време ќе ги видиме дома или без одредување на соодветни мерки, без извршување на санкциите. Тоа се конкретни работи коишто ќе ги напоменам. Постојат низа други. Се сеќавате на обидот којшто беше и нападот на началникот на полицијата во Струга. Тоа е сепак заради тоа што се водеа истраги против одредено лице кое беше оставено на слобода“, искоментира Спасовски.


Слично

Поврзани вести