Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ковачевски на средба со Синодот на МПЦ, Османи упати честитка

Ковачевски на средба со Синодот на МПЦ, Османи упати честитка

Премиерот Димитар Ковачевски денеска дојде на кратка координативна средба со Поглаварот на МПЦ ОА г.г Стефан.

Инаку денеска се одржува седница на Синодот на МПЦ ОА, на која се разговара за деталите од преговорите со СПЦ, по средбата која ја одржаа минатата недела во Ниш. Владиците ќе разговараат и за последната одлука на Вселенската Патријаршија дека ја признава нашата древна и возобновена Охридска Архиепископија за канонска. Владиците претходно за медиумите не сакаа ништо да коментираат.

„Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската Православна Црква, наследничка на древната Охридска Архиепископија.

Со оваа одлука на Вселенската Патријаршија, беше потенцирано на средбата, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви“, се вели во дел од владиното соопштение.

Од Владата потсетуваат дека Ковачевски на почетокот на неговиот мандат до патријархот на Цариградската Патријаршија, неговата светост Вартоломеј, испратил писмо во кое тој уште еднаш повика Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да биде примена во евхаристичко единство со Мајката Црква како решение на ова долгогодишно црковно прашање во нашата земја.

Во меѓувреме се јави и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој упати и честитки до Ковачевски и до претседателот Стево Пендаровски.

„Признавањето на Охридската архиепископија за канонска од страна на Вселенската Патријаршија преставува не само црковен, туку и дипломатски успех кој покажува дека со трпение можни се вистински и позитивни решенија и во нашиот регион.

Искрени честитки за МПЦ за овој успех особено значаен за православните верници од земјава, за Македонците, и за сите граѓани на Северна Македонија! Честитки и до Претседателот Пендаровски и Премиерот Ковачевски за личниот ангажман!“, објави Османи на социјалните мрежи.


Слично

Поврзани вести