КОВАЧЕВСКИ МУ ОДГОВОРИ НА МИЦКОСКИ: Порано со минималната плата можеше да се купат 170 четвртини бурек, а со сегашната може да се купат 270
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски одговори на споредбата која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја правеше за цената на бурекот сега и во минатото.
Мицкоски тврдеше дека пред неколку години со помалку пари граѓаните поубаво живееле и рече дека пред неколку години можеше да се купи четвртина бурек со јогурт за 50 денари, додека сега тоа чини 120 денари.
„Во време на ВМРО-ДПМНЕ, со минималната плата можеше да се купат 170 четвртини бурек, а со сегашната може да се купат 270 четвртини бурек“, рече Ковачевски.
Тој вели дека како економист може да говори на темата.
„Бурек економија во современата економска наука не постои. Во времето кога советник во Владата беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минималната плата беше 8 илјади денари и беа потребни 4,5 минимални плати за една потрошувачка кошничка. Сега се потребни две минимални плати за една потрошувачка кошничка“, кажа Ковачевски во гостување на Дневникот на ТВ Сител.
Тој порача дека СДСМ и коалицијата ќе имаат повеќе пратеници на изборите од ВМРО – ДПМНЕ.