Ковачевски и во Братислава зборуваше за Југославија: Стандардот беше 10 пати поголем
Премиерот Димитар Ковачевски и на Форумот Глобсек 2023 во Братислава правеше споредби со стандардот на поранешна Југославија во однос на другите земји во Источна Европа.
„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски тоа начинот на кој ќе се спроведува“ рече Ковачевски.
Ковачевски потенцираше дека земјите во југоисточна Еворпа па и во Источна Европа, се економски силни, затоа што се членки на ЕУ. Правејќи споредба со стандардот на поранешна Југославија, Ковачевски рече дека стандардот тогаш бил 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни земји членки на ЕУ.
Премиерот и пред неколку дена во Скопје говореше за југословенскиот стандард, кога во кратка посета беше сенаторот Крис Марфи.
„Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка и од Романија и од Полска и од Бугарија и од сите земји кои станаа членки на Европската Унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард. Тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката од нашите стратешки партнери пред се САД и земјите членки на ЕУ“, рече тогаш премиерот.
