Ковачевски го искоментира случајот со Латас
Премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието за случајот со новинарот Драган Павловиќ Латас, изјави дека е вознемирен и згрозен од јавното промовирање на сексуалното насилство и дискриминација.
„Слушнав за ова пред неколку дена и оттогаш до денес кога и да помислам на случајот, навистина се вознемирувам и се чувствувам гневно. Ова однесување, не само што е срамно за мажите, и тоа не само тука, туку и во светот, ова е срамно за сите луѓе, секое едно човечко битие. Јавното промовирање и поддржување на сексуалното насилство и сексуалната злоупотреба е целосно неприфатливо! Не смееме да толерираме вакво понижувачко, омаловажувачко, деградирачко третирање на жената. Секое вакво однесување, мора да биде јавно осудено и да испрати јасна порака дека насилството врз жените е неприфатливо. Загрижувачки е што не само што слушавме за чин на сексуално насилство, туку и што бевме сведоци како соговорниците радосно и без грам грижа на совест и свесност колку штета нанесуваат, се смеат и ликуваат додека дискутираат“, рече Ковачевски.
Ваквите мерки следуваат откако изминатиот викенд Латас зборуваше за тоа како прифатил да учествува во акт на силување на девојка додека бил малолетник, на што наиде на позитивна реакција од водителот Лазаров во неговата поткаст емиисија, наместо на негодување и осуда.
Обвинителството за двајцата поднесе обвинителен предлог за кривично дело Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, по негативните реакции од широката јавност.
