Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ковачевски: Двотретинско мнозинство или 80 пратеници, тие не се потребни за Владата, тие се потребни за граѓаните

Ковачевски: Двотретинско мнозинство или 80 пратеници, тие не се потребни за Владата, тие се потребни за граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека 80 пратеници се потребни за глас за европска Македонија. 

„Уставните измени се императив за секој граѓанин во државата и затоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието“, изјави Ковачевски.

Тој не сакаше да открие дали и како власта ќе го обезбеди потребното двотретинско мнозинство, ниту кој е планот на владата доколку не се изгласа потребата од носење на уставните измени.

„Кога ќе кажеме двотретинско мнозинство или 80 пратеници, тие не се потребни за Владата, тие се потребни за граѓаните за оваа држава. Кога почна процесот имаше коментари кои повеќе беа во насока на хистерија, дека Македонија ќе била бугаризирана, ќе сме го изгубеле јазикот, ќе имало асилимилација. Ништо од тоа не се случи. Објасни ли ВМРО кое е објаснувањето зошто е против? Тоа е најново бугарски диктат, а од ЕУ велат дека тоа е нивен предлог. САД исто така кажуваат дека е предлог на ЕУ. Едно време кажуваа дека ќе ја менуваат преговарачката рамка, но веќе не го кажуваат тоа бидејќи и од САД и ЕУ рекоа дека рамката е најдоброто компромисно решение меѓу земјите-членки и нашата држава. И сега кога и тоа го нема, сега се користи еден збор којшто вели диктат. А имате соопштение на бугарското МНР од пред извесно време во коешто вели да, тоа е преговарачката рамка во којашто секој треба да си ги оствари своите обврски“, изјави Ковачевски.

Повик до пратениците да поддржат уставни измени преку отворено писмо упати и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Во писмото меѓудругото министерот вели дека ги разбира сите оние што стравуваат од можни натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови и при тоа уверува дека идентитетските и историските прашања не се дел од преговорите.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку соопштение повторија дека ставот на нивната пратеничка група е јасен и оти уставни измени, како што велат, под овие услови и бугарски диктат нема да има.

Од Демократски сојуз предлагаат на утрешната седница пратениците да донесат одлука за распуштање на Собранието со што ќе се создадат уставни можности во рок од 60 дена да се одржат вонредни парламентарни избори, бидејќи според нив веќе е извесно дека нема граѓански и политички консензус за промена на Уставот. 

Екс бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева вчера рече дека тоа е ситница, промената на Уставот и дека Бугарите се реалност во Македонија. 

Слично

Поврзани вести