КОВАЧЕВСКИ: ДОНЕСОВМЕ ТЕШКИ ОДЛУКИ, КОИ БАРАА ЛИДЕРСТВО И ХРАБРОСТ - премиерот повика дека е време за обединување и работа
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска на пресконференцијата рече дека се донесени тешки одлуки, кои барале лидерство и храброст, но и мудрост и одговорност.
Според него, првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат.
„Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност“, рече Ковачевски.
Според премиерот, за реализација на оваа стратешка цел, донесени се тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.
„Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото“, рече Ковачевски.
Премиерот појасни дека се донесени патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата.
Премиерот е дециден дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова, како што рече, е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара.
„Уверен сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како побендици, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Уверен сум дека контиунираната помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка, за европската реалност да ја живееме денес и на вистински начин, рече Ковачевски.
Според Ковачевски, Северна Македонија економски, политички и општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот со високи стандарди и почитување на законите.
„Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре. Но, пред се, за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава, и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата“, потенцираше Ковачевски.
Н.Н.Ф.