Ковачевски: Денеска ќе потпишеме договор Албанија да ни ги врати иконите
Премиерот Димитар Ковачевски на денешното заедничко обраќање со албанскиот колега Еди Рама на меѓувладината седница во Скопје рече дека еден од меморандумите кои ќе се потпишат денеска со Албанија е постапката за враќање на украдените икони од Македонија кои години наназад албанската полиција ги запленуваше од криминалци.
- Еден од договорите ќе биде и тој за враќање на незаконски изнесени икони од нашата држава за кои што по завршената кривична постапка преку денешниот договор ќе запоне постапка за физичко враќање во државата помеѓу министерствата за култура, рече Ковачевски.
Претходно медиумите објавија дека украдените икони од струшко пронајдени во Албанија по девет години се враќаат во земјава. Заврши процесот на реституција со кој 21 вредна икона и црковни артефакти однесени при кражби до крајот на годинава ќе бидат вратени во црквите во селата Радожда, Буринец и Селце.
Албанската полиција ги пронајде во Тирана во 2013 и оттогаш се чуваа на безбедно во два музеја во Тирана. Државата започна и втора постапка за враќање на 40 украдени икони од земјава кои албанската полиција во април годинава ги заплени во Тирана.
Во првата група на икони за кои е завршен процесот на реституција се 13 икони од струшко повеќето изработени од Дичо Зограф и осум од пределите на Преспанскиот крај кои се од една целина која припаѓа на анонимна зоографска работилница од средината на 19. век.
Од Струшко-дебарскиот крај украдени се над 1000 икони и црковни артефакти. Од нив само 60-тина се пронајдени, а останатите се претпоставува дека завршиле на црните пазари во Европа.
Ова е втора меѓубвладина седница помеѓу Македонија и Албанија по таа во Подградец. Најавено е дека ќе се создаде рамка за заеднички енергетски проекти и сигурно снабдување на енергија, а ќе има и меморандум за патна инфраструктура. Целта е до 2030 поврзување на целиот Коридор 8.
