Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ковачевски: Бесплатни возачки дозволи на владина седница

Ковачевски: Бесплатни возачки дозволи на владина седница

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека на денешната редовна владина седница ќе биде разгледана можноста и најверојатно ќе се одлучи возачките дозволи со новото уставно име да бидат бесплатни до крајот на годината.

„Нашите министри денес на седницата на Владата ќе предложат решение со кое ќе може замената на возачките дозволи до крајот на годината да биде бесплатна. Да биде на трошок на државата, за да може и тој процес да се реализира до крајот на годината како што треба“, рече Ковачевски.

Тој рече дека обрасци недостасувале затоа што пандемијата ги нарушила каналите на снабдување и процесот на производство на материјали за документи

„Обезбедувањето на обрасците е сложен процес. Тие се произведуваат во Германија, не кај нас“, наведе доскорешниот премиер.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера информираше дека во моментов во земјава се испечатени околу 525 илјади возачки дозволи со новото уставно име. До крајот на годинава треба да се променат нешто над 272 илјади вакви документи кои го содржат старото име но кои според датум на издавање се уште се важечки.

На полноќ истече рокот од одредбата од Договорот од Преспа за валидноста на исправите и документите за меѓународна употреба, но Собранието со итни законски измени овозможи  возачките со „Република Македонија“ ќе може да се заменат до крајот на годинава.

Собранието вчера попладне со 90 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината.


Слично

Поврзани вести